Министерот за здравство, Сашо Клековски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска ја посетија Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски" во Скопје, по повод пуштање во употреба на комплетно реновираното одделение за трауматологија.
- Посебно ми е драго што сме тука, бидејќи додека траат разговорите за нови клинички болници не смееме да заборавиме на постојните. Оваа зграда на хируршката клиника датира одамна, и драго ми е што директорот го заврши овој дел, особено што оваа установа е позната како прва станица за трауматолошки повреди и претставува важен хируршки центар во градот, изјави министерот Клековски при посетата.
Директорот на Универзитетската клиника „Св. Наум Охридски", д-р Небојша Настов, информираше дека капацитетот на ова одделение е 26 кревети, а на годишно ниво тука се вршат 1.100 оперативни интервенции со девет хирурзи трауматолози.
Во рамки на оваа инвестиција, целото одделение е опремено со нови кревети, комплетно нова електрична и водоводна мрежа, нови тоалети, како и нови врати според стандардите за превенција од ширење инфекции.