Во организација на Министерството за здравство, денеска се одржа конференција насловена „Партнерство за здравство", посветена на стратешките приоритети на здравствениот систем и идентификуваното портфолио на проекти за партнерска поддршка.
На настанот присуствуваа претставници од бизнис секторот, странски компании и меѓународни организации, како и амбасадори и претставници на дипломатскиот кор.
- Поддршката од општествено одговорните чинители е од големо значење за напредокот на здравствениот систем. Токму затоа сметам преку партнерски однос може да дојдеме до остварување на приоритетите во здравството. Нашата цел е првпат системски да ја канализираме поддршката и да ја насочиме онаму каде што е најпотребна, истакна министерот за здравство, Азир Алиу во обраќањето.
Министерот Алиу ги презентираше стратешките приоритети во здравството за периодот 2024 - 2028, и посебно се осврна на оптимизација и функционална реорганизација на здравствениот систем, со цел регионално балансиран и еднаков пристап до здравствените услуги за сите пациенти.
- Како Влада сме фокусирани на континуирана едукација и трансфер на знаење на медицинскиот персонал, со ангажирање врвни странски експерти за едукација на нашиот кадар, во насока на воведување нови дијагностички и терапевтски методи, потенцираше Алиу.
Тој се осврна и на националната здравствена стратегија за млади лекари, чија цел е подобрување на условите за работа и финансиска стимулација за спречување на одливот на младите лекари.
- Во следниот период активно ќе работиме и на развој и имплементација на стандардизирани болнички процедури за квалитетна и безбедна здравствена заштита, односно стандардизирани патеки за упатување на пациентите со цел намалување на неоправданите упатувања од едно на друго ниво на здравствена заштита. Исто така, еден од приоритетните проекти е и Националниот систем на парамедици, како дел од Итната медицинска помош, со што дополнително ќе го зајакнеме одговорот на здравствениот систем во итни случаи, заклучи Алиу.
Тој се осврна на стручните упатства за практикување на медицина базирана на докази, унапредување на Националниот здравствен информативен систем во рамки на дигитализацијата на здравството и имплементација на меѓународни стандарди ("здравство без хартија") и национален интероперабилен слој за е-здравство.