Енергетиката како двигател на развојот, младите како носители на иднината и партнерствата како клуч за успех – ова беа централните пораки од настанот „Енергија што поврзува: Северна Македонија – Австрија, партнерство за иднината“, што се одржа во Скопје, во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во соработка со Амбасадата на Република Австрија и австриската библиотека при Филолошки факултет „Блаже Конески“.
Настанот обедини претставници од институциите, академската заедница, приватниот сектор, професори и студенти од техничките науки, отворајќи конкретни можности за нови заеднички проекти, продлабочена соработка и посилно вмрежување на македонските факултети со европските, особено со австриските универзитети.
Во фокусот на дискусијата беше и подготвеноста за конкретна поддршка на младите – амбасадорот на Австрија, Мартин Памер и Волфганг Маиер, Претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија, изразија јасна отвореност за вклучување во активности што ќе овозможат повеќе практични можности, размена на искуства и професионален развој за студентите, особено во енергетскиот сектор. Посебен акцент беше ставен и на вклучувањето на жените во енергетиката, како и на создавање услови младите да стекнуваат знаење во странство, но и да го враќаат и применуваат дома.
Во пријатна и отворена атмосфера, учесниците се согласија дека ваквите настани имаат суштинско значење – тие не се само платформа за разговор, туку мост и врата кон нови можности, партнерства и конкретни иницијативи.
Како конкретен пример за ваквата соработка беше посочен проф. д-р Сашко Ристов, кој повеќе од една деценија работи како професор на универзитет во Австрија. Преку негов ангажман и иницијатива, во соработка со македонски институции, вклучително и МЕПСО и ЕВН, е развиен проект од областа на енергетиката и дигитализацијата во вредност од околу 2 милиони евра. Проектот има за цел унапредување на перформансите и стабилноста на електроенергетската мрежа преку примена на современи дигитални алатки и решенија.
Амбасадорот на Република Австрија, Мартин Памер, истакна дека поврзаноста меѓу двете земји е длабока и природна, базирана на доверба, заеднички вредности и долгорочна соработка, нагласувајќи дека ова партнерство во иднина само ќе се продлабочува, особено во делот на образованието, иновациите и енергетиката.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во своето обраќање порача:
„Она што сакам да го подвлечам е дека оваа соработка има двонасочна вредност. Таа се гради преку луѓето – преку македонските професори, истражувачи и студенти, преку знаењето што се создава и споделува и преку идеите што патуваат во двете насоки. Тоа е вистинското значење на партнерството – взаемен раст и споделена визија.“
Таа нагласи дека енергетската стабилност е клучна за економската отпорност и квалитетот на живот, посочувајќи дека целта на Министерството е изградба на модерен, одржлив и поврзан енергетски систем, во чекор со европските стандарди и идни развојни текови.
„Ниту една држава денес не може сама да одговори на сите енергетски предизвици. Потребни се партнерства, доверба и заедничка визија. Токму затоа, ваквите средби се од суштинско значење – тие покажуваат дека вистинскиот развој се случува кога институциите, академијата и приватниот сектор седнуваат на иста маса,“ истакна Божиновска.
Настанот беше насочен кон студентите од техничките факултети, со цел да се поттикне нивниот интерес за енергетиката и меѓународната соработка. Во таа насока, министерката упати директна порака до младите да ја препознаат енергетиката како простор на можности, иновации и влијание.
Настанот се одржа во Австриската библиотека при Филолошкиот факултет во Скопје – простор кој неодамна е целосно реновиран со поддршка на Амбасадата на Република Австрија и кој симболично ја отсликува поврзаноста меѓу двете земји преку образование, култура и размена на знаење. На настанот присуствуваше и деканот на Филолошки факултет, Владимир Мартиновски.
Организаторите изразија уверување дека оваа средба ќе биде само почеток на нов бран на соработка, проекти и можности што ќе ги поврзат младите, институциите и индустријата во заедничка визија за одржлива енергетска иднина.