Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Салиу: Меѓународниот ден на ромскиот јазик не е само датум во календарот – тоа е ден на признавање, почит и солидарност

Салиу: Меѓународниот ден на ромскиот јазик не е само датум во календарот – тоа е ден на признавање, почит и солидарност

„Почитуван претседател на Собрание на Република Северна Македонија г. Африм Гаши,
Почитуван потпретседател на Владата за добро владеење г. Арбен Фетаи,
Почитувани министри, амбасадори, пратеници на Собранието на Република Северна Македонија, директори,
Драги колеги, претставници на институциите, граѓанскиот сектор и медиумите,
Почитувани граѓани на ромската заедница,
Почитувани гости,
Дами и господа,

Денес, на 5 ноември, со особена чест и гордост го одбележуваме Меѓународниот ден на ромскиот јазик – ден кој не’ потсетува дека јазикот не е само средство за комуникација, туку знак на идентитет, достоинство и духовна сила.

Ромскиот јазик, како дел од големото културно богатство на човештвото, со векови опстанува низ времињата на промени, миграции и предизвици. Тој го пренесува колективното сеќавање на еден народ што и покрај сите искушенија – успеал да ја зачува својата култура, својата музика, својата приказна и својата надеж.

Овој ден, прогласен од УНЕСКО во 2015 година, не’ потсетува на обврската што ја имаме – да го чуваме и развиваме јазичното наследство на Ромите, како дел од европската и светската цивилизација.

Почитувани присутни,
Република Северна Македонија е држава која се темели на принципите на еднаквост, мултикултурализам и меѓусебна почит. Различноста не е пречка – таа е наш заеднички капитал.

Во оваа насока, Владата на Република Северна Македонија, преку Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, постави јасна рамка и визија: да создадеме општество во кое секој Ром ќе има еднакви можности за образование, вработување, пристојни услови за живеење и целосно учество во јавниот живот.

Во рамките на оваа стратегија, чувањето и промоцијата на ромскиот јазик се клучен дел од пошироката заложба за интеграција преку култура, образование и јавно признание. Зашто јазикот е најмоќниот симбол на припадност и самопочит.

Денес, кога зборуваме за инклузија, ние не зборуваме само за социјални политики – зборуваме за вредности.

Инклузијата значи да создадеме општество каде што секој граѓанин, без разлика на етничката, културната или верската припадност, ќе се чувствува видлив, слушнат и почитуван.

Во тоа име, Кабинетот што го раководам ќе продолжи да соработува со сите државни институции, со локалната самоуправа, со невладиниот сектор, со образовните институции и со меѓународните партнери, за да ги преточиме нашите заложби во конкретни резултати.

Ќе продолжиме да ги поддржуваме проектите за учење и промоција на ромскиот јазик, за издавање учебници и литература, за поддршка на медиуми и културни манифестации на ромски јазик, како и за афирмација на ромската уметност, традиција и културна автентичност.

Почитувани,
Меѓународниот ден на ромскиот јазик не е само датум во календарот – тоа е ден на признавање, почит и солидарност. Тој е потсетник дека јазикот, како жив мост меѓу генерациите, ги поврзува минатото, сегашноста и иднината на еден народ.

Да не заборавиме дека секоја нација, секој народ, секоја заедница – е дел од мозаикот што ја создава убавината на нашата земја и на Европа.
Затоа, кога го чуваме ромскиот јазик, ние чуваме дел од нашата заедничка човечка приказна.

Дозволете ми, во оваа пригода, да изразам благодарност до сите меѓународни партнери, амбасади, организации и институции кои континуирано ја поддржуваат ромската инклузија и развојот на ромскиот јазик и култура. Вашата поддршка е доказ дека солидарноста нема граници и дека вистинското пријателство се гради преку почит и разбирање.

Посебна благодарност упатувам и до сите наставници, уметници, активисти и млади луѓе кои секојдневно придонесуваат ромскиот јазик да живее – на улицата, во училиштата, на сцената, во медиумите и во срцата на луѓето.

Дами и господа,
Нека денешниот празник биде поттик за сите нас да продолжиме да градиме општество на еднакви шанси, заемна доверба и почит.

Да го славиме богатството на различноста, а нејзината сила да ја претвориме во двигател на заеднички напредок.

Нека живее нашата заедничка Македонија – држава на сите нејзини граѓани!  

Ви благодарам.“

Мени за пристапност