„Во вториот квартал, во второто тромесечје имаме исклучително висока економска активност и зголемен БДП од 4,3%. Тоа е уште една лоша вест за опозицијата, којашто, претпоставувам, сега жали и тагува зошто Македонија оди напред, а не е вовлечена во нивното политичко мочуриште на лаги, клевети, измислици и конструкции“, вели претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Мицкоски порача дека Македонија ќе продолжи да оди напред, како и дека се работи да се решат сите проблеми коишто ги наследија од претходната влада.
„Македонија ќе продолжи да оди напред. Не е лесно, не се сите проблеми решени, бидејќи многу проблеми се наследени. Она што е важно е дека работиме и дека се трудиме сето она што е наследено да го решаваме, а нови проблеми да не создаваме. Резултатите после 25-26 месеци, еве, конечно излегуваат на површина. Имаме раст на индустриското производство, стабилизирана инфлација. Овој раст од 4,3%, кога ќе се додаде растот во првото тромесечје од 3,1%, дава една бројка од 3,7% во првото полугодие од годинава, што е еден од најсилните во Европа. Сега повторно ги повикувам оние на социјалните медиуми да почнат да ме исмејуваат, но јас ќе си стојам на мојот став дека ова е еден од четирите најголеми растови на БДП и во првата половина на годината, но и во второто тромесечје, при услови кога имаме за истиот квартал во 2025 година 3,5 проценти раст. Да речеме, Словенија има 4,8 во вториот квартал во 2026 година, но 0,7 има во вториот квартал во 2025 година. И пред нас се Малта и Данска. Еве, уште еднаш ги повикувам повторно ботовите на опозицијата со нивните политички мочуришта повторно да снимаат рилсови и да ме исмејуваат. Но, тоа се фактите, жалам. Не можат фактите да ги негираат. Ние ќе продолжиме и натаму да работиме, 2024 година ја завршивме со раст од 3 проценти на БДП, со што влеговме во првата половина од земјите во Европа. 2025 со 3,5 проценти. Сега сме веќе во првото полугодие со 3,7 проценти, значи има еден континуиран раст во услови кога нашиот најголем трговски партнер, а тоа се ЕУ и земјите од еврозоната, имаат во целина 1,2 проценти, а еврозоната во целина 1 процент. Ако го погледнете растот на БДП во периодот 2006 – 2008 година, имаме раст од 5 до 6 проценти, но тогаш и еврозоната и ЕУ растат со толкав или поголем процент. Така што само по себе говори за политиките на оваа Влада, што претставува уште една лоша вест за опозицијата во Македонија.“