Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Мицкоски дециден: „Го знам премиерот“ не поминува веќе, функционерите кои се повикуваат во мое име, ги знаеме-следува реакција

Мицкоски дециден: „Го знам премиерот“ не поминува веќе, функционерите кои се повикуваат во мое име, ги знаеме-следува реакција

Повеќе пати го кажувам тоа, а ќе го кажам и сега, нема полоша работа за една држава и за една нација од тоа да имаме луѓе кои што управуваат со институциите без разлика на кое ниво, а се нечии заложници, односно би рекол затруени, инфицирани од криминал и корупција, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата на Република Северна Македонија на денешната седница за пратенички прашања.

Премиерот Мицкоски апелираше до граѓаните да пријават секаков вид на злоупотреба, потенцирајќи дека на тој начин може да се фатат на лице место оние кои ги злоупотребуваат позициите.

Ова е резултат на пријава на жртва. После тоа се случуваат откривања и на други жртви кои што велат и јас бев и јас бев, но тоа претпоставувам  ќе биде дел од истрагата понатаму за сите овие случаи. Јас затоа замолувам, доколку има граѓани, сопственици на компании кои што се жртва на било каква уцена, слободно мојот број е тој, непроменет, слободно можат да пријават ако сметаат дека можеме да помогнеме. Но, мора да учествуваат во процесот, за да можеме да дојдеме до фаќањето на лице место, вели тој.

Претседателот Мицкоски ги коментираше и шпекулациите дека се апсат само лица од власта, а не од опозицијата, и рече дека очекува новиот јавен обвинител да се позанимава со ревизорските извештаи за работењето на функционерите од претходната власт, бидејќи како што рече таму постојат сериозни сомнежи за сторен криминал и злоупотреби на позициите.

Некои ќе рече, добро а што е претходните, ние не можеме од претходните да ги фатиме на лице место, бидејќи се опозиција, но затоа како што реков имаме ревизорски извештаи за кои што очекувам новиот јавен обвинител да се позанимава со нив, таму има основани сомневања за сторен криминал и злоупотреби. Но, сегашните можеме да ги фатиме, рече тој.

Мицкоски изјави дека има и такви лица кои се повикуваат во негово име, но како што рече се следи состојбата и соодветно ќе реагираат, бидејќи како што рече секоја акција има и реакција.

Има и посредници кои што велат “го знам јас премиерот, сега заедно ручавме, вечеравме, за да ти ја завршам оваа работа ќе треба ова и ова“, има и такви. И кога тие ќе се фатат, тие ќе кажат дали тоа го прават своеволно или имаат некој кој што им рекол тоа да го прави. Има такви посредници кои што ги мониторираме во овој момент, за различни институции. Ги мониторираме во моментот и чекаме да се случи потегот, а потоа и наш потег. Секоја акција има и реакција. Тоа е закон на физика, дециден е Мицкоски.

Претседателот Мицкоски вели дека само доколку граѓаните пријавуваат криминал и корупција и институциите реагираат навремено, може да се врати довербата кај граѓаните и да се врати правната држава.

Затоа е многу важно да имаме заедничка интеракција со граѓаните. Само на овој начин можеме да направиме правна држава и да ја вратиме довербата на граѓаните, кажа Мицкоски.

Мени за пристапност