Добар ден и од мене.
Секогаш кога пуштаме еден ваков објект во функција, јас сум посебно задоволен и среќен, бидејќи на овој начин ќе го подобриме квалитетот на живот на многумина, се разбира најмногу на најмладите, на дечињата. Впрочем, намената на ваквите објекти е токму за нив, да почнат да другаруваат уште од најрани години, да стекнуваат знаења, пријателства, да се формираат како личности.
Првите 6-7 години во животот се секогаш најзначајни, и тие не пратат до крајот на животот. Вредностите коишто во првите 6-7 години ќе ги стекнете, вредностите со коишто ќе другарувате и ќе ги споделувате, тие вредности понатаму најверојатно ќе ве пратат до крајот на вашиот живот.
Така што, јас пред сѐ би сакал да им посакам на нив многу нови другарства, многу знаење, коешто понатаму во животот, живот ќе им значи.
Истовремено би сакал тука исто така да ги потенцирам квалитетот на живот на родителите, коишто сега имајќи ги овие објекти на располагање, ќе знаат дека нивните дечиња се во сигурни раце. Дека се во сигурни раце кај воспитувачите, кај оние коишто ќе се грижат за нивното образование и за нивниот живот и на тој начин ќе можат да се посветат на реализирање на своите професионални обврски и реализирање професионално како личности.
И на крај би сакал да му се заблагодарам на градоначалникот на Општина Гази Баба, на пратениците коишто доаѓаат од регионот на Општина Гази Баба, на советниците, на администрацијата, којашто ги поддржува ваквите објекти, бидејќи ова се навистина објекти како што кажавме од капитално значење, градиме автопати, градиме булевари, градиме градинки, градиме училишта, градиме игралишта. Сѐ се тоа капитални инвестиции, коишто за жал, со децении не биле изградени или да бидам уште подиректен и попрецизен, за жал, многу пати во минатото биле украдени.
Истовремено, му се заблагодарувам и на министерот за социјална политика, демографија и млади и заменикот за целокупната поддршка, којашто ја даваат при реализацијата на ваквите објекти, институционалната поддршка на централно ниво е исклучително значајна и важна и затоа мојата голема благодарност и почит како тим ја имаат сите учесници во реализирањето на овие проекти. И конечно на крај, на жителите коишто имаа трпение во целиот овој период.
Се надевам дека многу скоро ќе зазелени и партерното уредување околу објектот и навистина ќе го добие својот полн сјај и изглед онака како што го замислуваме.
Им благодарам и на крај и на воспитувачите, на директорката, на сите оние коишто ќе се грижат за образованието и воспитувањето на најмладите, коишто доаѓаат од ова населено место.
Ви благодарам