Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешната седница за пратенички прашања истакна дека буџетот за здравство е приближно 1 милијарда евра, како и тоа дека оваа година платите на здравствените работници ќе растат, а покрај тоа ќе продолжат и вложувањата во здравството, особено во инфраструктурата, иако состојбата која се наследи во здравството како последица на минатото и т.н. Стабри здравствени политики беше катаклизмична.
Здравството претставува сериозен предизвик за оваа влада од многу причини затоа што наследивме една катастрофална, катаклизмична состојба поради ужасно лошите криминални политики од минатото така наречени Стабри здравствени политики, кога во екот на корона пандемијата кога бевме најлоши и на крај завршивме во најлошите во справувањето со таа пандемија, тие кои го водеа тој сектор и таа политика наместо да се грижат за здравјето на граѓаните наместо да обезбедуваат неопходни медикаменти и материјали за да се спасат што е можно повеќе наши сограѓани, тие одлучија да склучуваат договори за интервентни набавки на вакцини од компанија регистрирана во Хонгконг чија што основна доминантна дејност била до тој момент трговија со јужно овошје, изјави премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски појасни дека таа Стабри здравствена политика функционираше во услови на епската и најголема криза во здравството во државата и оставија енормно големи проблеми кои ги потпишувале и значат дополнителен товар посебно на клиниките во Клиничкиот центар Мајка Тереза.
Лично заедно со министерот за здравство, со директорот на фондот работиме на решавање на проблемите кои не се од сега туку со децении останале таму. Знам колку работат министерот и директорот и лично мојот фокус е на здравството и здравствените политики и убеден сум дека голем дел од овие проблеми се решаваат и дел ќе бидат наскоро решени, а дел се решени, но важно е дека немаме нови проблеми. Од година во година буџетот во здравството расте, оваа година сме близу 1 милијарда евра отприлика. Во тој буџет се разбира се вкалкулирани и зголемувањето на платите за здравствените работници, еден од првите договори како влада ги потпишавме, покрај оној во образованието беше токму тој во здравството и оваа година во април треба таа бројка да порасне помеѓу 5 и 7 проценти, се анализираат расположливите средства, сите сме повеќе за горната граница, но треба да ги видиме моментално расположливите средства за зголемување на платата на здравствените работници и тој договор е со важност до 2028 година, потенцираше премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски вели дека вложувањата во здравството нема да запрат и покрај големата светска енергетска криза и тоа што треба 2,5 милијарди евра да се обезбедат и вратат од буџетот како стари долгови од минатото, а воедно и посочи на злоупотреби од поединци во здравството каде некои си потпишуваат дежурства и стигнуваат до месечни примања од 10.000 евра, а прикажуваат дека работат 24 часа на ден, 31 ден во месецот дури и во месеци со 30 дена.
Ја зголемивме капитацијата за општите лекари, односно за матичните лекари која не беше зголемена со години, ја зголемивме капитацијата и за гинеколозите и стоматолозите, истовремено вклучивме нови лекови на позитивната листа, отпочнавме процес со кој ќе инвестираме директно во инфраструктурата, а тоа е конечно да се заврши Клиничкиот центар во Штип заедно со студентскиот дом и нова зграда за медицинскиот факултет при универзитетот Гоце Делчев, болницата во Кичево, Клиничката болница во Тетово и кога сето ова ќе се заврши успешно бидејќи процесот за барање на финансиска институција трае следен чекор е да влеземе во оној потфат, а тоа е Клинички центар во Скопје.