Добар ден јас би сакал од мое име и од името на Владата да ви посакам добредојде на претставниците на здруженијата, организациите и засегнатите страни што се практично дел од ова законско решение.
Би сакал да го поздрава и мојот колега во Владата, министерот за здравство, членовите на Кабинетот, гостите коишто денеска се тука, медиумите се разбира.
Сакам да бидам краток и прецизен кога станува збор за ова законско решение коешто како и многу други законски решенија коишто можат да поларизираат, не беше носено ад-хок ниту беше носено по принципот на сила, туку беше носено во еден инклузивен процес, заедно во консултации со сите засегнати страни, со здруженијата, со производителите, со дистрибутерите, со хотелиерите, со луѓето коишто имаат свои ресторани, ноќни клубови итн.
Практично, целокупниот овој процес создаде еден производ во којшто целта на Владата беше да излеземе сите подеднакво незадоволни. Затоа што кога работите ваков еден закон не можете да излезете сите подеднакво задоволни. Затоа што тоа е не е возможно, тоа е алхемија, а ние не сме алхемичари, нити пак чудотворци. Тој што вели дека е чудотворец не ја говори вистината.
Така што, мислам дека на крајот од целиот овој процес сите ние имаме по малку некое мало ограничено незадоволство, но сите сме среќни затоа што постигнавме заеднички компромис и денешната наша средба е овде во Владата е токму резултат на тој еден заеднички компромис. Компромис којшто е преточен во закон, истиот тој закон, ме информираше министерот за здравство следната недела во вторник ќе биде ставен на владина седница и ќе можат и другите колеги од владата да продискутираат.
Не постои идеално законско решение, не постои нешто коешто може да биде брилијантно и идеално, но мислиме и цениме дека ова законско решение во голема мерка ги регулира односите коишто треба да се случуваат во едно општество кога станува збор за производството и дистрибуција на производите, но истовремено и нивното користење во просториите или надвор од просториите коишто здружението Хорека практично го интересираат, а и нас како Влада, бидејќи целта на Владата е да ги следиме тековите, целта на Владата е да се бориме што помалку да имаме луѓе кои консумираат тутун. Тоа е една од нашите клучни политики и на тој начин цениме дека преку овој закон ќе дојдеме заеднички до тоа решение.
Јас ви честитам на сите на конструктивноста, на сето она коешто сите заедно го вложивме изминатиот период.
Му благодарам и на министерот за здравство, благодарност и до луѓето од мојот кабинет коишто беа директно вклучени, благодарност до сите коишто беа во суштина во изработката на овој закон и очекувам негова доследна примена.
Морам да признаам дека и до сега имаше одредени законски решенија, коишто за жал не беа применувани онака како што сите ние очекувавме.
Верувајте ни инспекциите ќе бидат ригорозни на целата територија на државата, ова го повторувам, нема да има повластени региони, градови, населени места итн. каде што ќе нема да се почитува законот и за ова јас ви гарантирам, и тука ќе нема никаков пардон.
Неколку законски решение оваа Влада во изминатиот период одлучи да изработи, коишто многумина ни велеа може ќе штети на политичката репутација, но ние одлучивме да влеземе во тие процеси затоа што цениме дека на тој начин ќе заштитиме повеќе човечки животи.
Така беше и случајот и кога почнувавме со процесот „безбеден град“; многумина ни велеа „оставете ја оваа работа“, „немате потреба од ова“, „зашто ви се сите овие работи“, но еве во првите четири месеци од годината онаму каде што постои „Безбеден град“ системот ние имаме преполовен број на човечки жртви споредено со истиот период од минатата година.
Очекуваме дека и со доследна примена на овој закон, исто така ќе имаме позитивни резултати кога станува збор за здравјето на луѓето.
И има уште неколку други закони коишто не се тема сега на оваа наша денешна средба, но исто така коишто се корисни општествено, за средината и за граѓаните, бидејќи тие се дел од приоритетите и од политиките на нашата Влада.
Јас тука би застанал, сосема на крај дозволете ми уште еднаш да се заблагодарам на сите коишто учествуваа во изработката на овој закон и би апелирал што побрза да се донесе. И уште еднаш би сакал јавно да кажам дека после овој состанок нема да има повластени, ако некој мисли дека бил повластен, па бил близок со овој, бил близок со оној, па нема да го почитува законот, па него нема да го фатат и сл. се лаже. Можете еднаш да поминете неказнети, ако не ве фатиме. Па дури и втор пат, но трет пат сигурно ќе бидете фатени и ќе бидете санкционирани.Така што еве ова е мојата конечна порака.
Ви благодарам.