Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Мицкоски: Реконструкцијата на Владата носи нова енергија, ново темпо и уште поголема одговорност

Мицкоски: Реконструкцијата на Владата носи нова енергија, ново темпо и уште поголема одговорност
Почитуван претседател на Собранието,
Почитувани пратеници,
Почитувани граѓани,
Секоја генерација добива свој момент на одговорност. Момент во кој не одлучува само за сегашноста, туку и за правецот во кој ќе се движи државата во годините што доаѓаат. Верувам дека денес е токму таков момент.
Државите не ги менуваат своите судбини преку случајности. Тие ги менуваат преку одлуки. Преку луѓе кои се подготвени да преземат одговорност. Преку институции кои имаат храброст да се менуваат тогаш кога тоа е потребно. И преку народ кој знае дека иднината никогаш не им припаѓа на оние што просто чекаат туку на оние што имаат визија, карактер и истрајност да ја создаваат.
Пред две години ја добивме довербата од граѓаните. Не како награда ниту како привилегија. Туку како обврска. Обврска да ја извлечеме државата од долгогодишниот застој, од чувството на безнадежност и од уверувањето дека ништо не може да се промени.
Но, за да се разбере вредноста на секој денешен чекор, мора да се потсетиме од каде започнавме.
Многумина денес веќе не се сеќаваат, а некои намерно сакаат да заборават, во каква состојба ја затекнавме државата. Не ја презедовме во време на стабилност ниту во време на сигурност. Ја презедовме во период кога довербата во институциите беше сериозно нарушена, кога економијата се бореше со последиците од повеќегодишна неизвесност, кога јавните финансии беа под силен притисок, кога капиталните инвестиции со години постоеја повеќе како политички ветувања отколку како реалност, а граѓаните сè почесто се прашуваа дали државата сè уште има сила да оди напред.
Не започнавме од покривот.
Не започнавме ниту од првиот кат.
Започнавме од темелите.
Затоа што кога темелите се разнишани, сè што ќе изградите над нив е привремено. Темелите на една држава не се зградите, не се патиштата и не се институциите сами по себе. Темелите се довербата. Темелите се правната сигурност. Темелите се стабилните јавни финансии, функционалните институции. Темелите се чувството кај граѓанинот дека државата повторно има правец. И дека државата е повторно негова, на граѓанинот.
Нашата прва задача беше токму тоа – повторно да ги изградиме темелите.
Почитувани пратеници,
Во дел од оваа сала денес седат и луѓето кои со години беа носители на политиките од минатата власт што ја доведоа државата во состојба од која започнавме. Истите тие денес ќе ја критикуваат брзината на промените, ќе ги омаловажуваат резултатите, конструираат, измислуваат, вадат од контекст во болшевички стил, ќе велат дека водата е мокра, нагоре е високо, надоле е длабоко  и тоа е нивно демократско право. Да зборуваат политичка демагогија без притоа да пондуат било какво решение, а притоа да имаат колективна амнезија за тоа што го правеа во минатото. 
Но демократијата има уште едно правило кои тие го забораваат и потценуваат.  А тоа е дека граѓаните паметат.
Паметат кој со години ветуваше, а малку испорачуваше. Паметат кој оставаше нерешени проблеми и месеци неисплатени субвенции. Паметат кој ја трошеше довербата на граѓаните, а кој денес повторно ја гради. Паметат и за криминалните договори, за предавствата, за рушењето на националните интереси, се стоеше, се рушеше, освен нивната лична среќа и приватни сметки.
Ние не го споменуваме минатото за да бараме алиби.
Ниту за да најдеме оправдување.
Минатото е важно само поради една причина – никогаш повеќе да не се повтори.
Затоа денес не зборуваме за враќање назад.
Зборуваме за движење напред.
Во изминатите две години државата повторно почна да се движи. Повторно почна да инвестира. Повторно почна да гради. Повторно почна да создава доверба. Повторно почна да отвора можности.
Но јас денес не стојам овде за да кажам дека сме ја завршиле работата.
Напротив.
Денес стојам пред вас за да кажам дека најважниот дел од работата допрва започнува.
Затоа што државите не се градат за две години.
Тие се градат генерации.
И секоја генерација има обврска да остави држава подобра отколку што ја затекнала.
Тоа е нашата обврска.
Тоа е обврската на оваа Влада.
И токму затоа денес пред вас не стои само предлог за избор на нови министри.
Пред вас стои предлог за нова енергија.
За ново темпо.
За нова фаза во развојот на државата.
За Влада која нема да биде задоволна со постигнатото, туку ќе биде гладна за нови резултати.
Не затоа што се откажуваме од досегашниот курс.
Туку затоа што сакаме тој курс да биде уште побрз, уште поефикасен и уште поодлучен.
Во политиката најголемата грешка е да се помисли дека функцијата е цел сама по себе. За мене никогаш не било така. Министерската функција не е привилегија. Таа е одговорност. Таа е обврска кон секој човек кој очекува подобар живот. Затоа секој што е дел од оваа Влада знае дека единственото мерило според кое ќе биде оценуван е она што ќе го направи за граѓаните.
Денес пред вас предлагам луѓе кои доаѓаат со различни професионални искуства, но со иста обврска – да работат чесно, одговорно и со чувство дека секој ден што ќе го поминат на функцијата им е даден од народот и му припаѓа на народот.
За министер за правда го предлагам Јетон Шасивари, универзитетски професор и докажан правен експерт. Во период кога реформите во правосудството остануваат едно од најважните прашања за државата, очекувам неговото знаење, професионален интегритет и академско искуство да бидат ставени во служба на една цел – создавање правосуден систем во кој правдата нема да биде привилегија, туку правило, а довербата на граѓаните постепено ќе се враќа таму каде што потребно.
За министер за односи меѓу заедниците го предлагам Агон Ферати, човек кој своето професионално искуство го градел преку европски проекти, локален развој и јавни политики. Нашата држава отсекогаш била најсилна кога знаела да ги претвори различностите во своја предност. Затоа очекувам неговата работа да биде насочена кон уште посилна кохезија, доверба и партнерство меѓу сите граѓани, затоа што стабилноста и единството се предуслов за секој економски и општествен напредок.
За министер за земјоделство, шумарство и водостопанство го предлагам Борче Серафимовски, човек кој добро го познава функционирањето на ресорот. Пред него стои обврската да ја продолжи политиката на силна поддршка за земјоделците, но и да отвори нов развоен циклус во кој македонското земјоделство ќе стане поконкурентно, поиновативно и поотпорно на современите предизвици. 
За министер за здравство го предлагам Сашо Клековски. Здравството не е само систем на установи и процедури. Здравството е доверба. Здравството е чувство на сигурност дека кога на човекот ќе му биде најтешко, државата ќе биде покрај него. Затоа очекувам со нова енергија да продолжат реформите што ќе обезбедат поквалитетни услуги, подобри услови за здравствените работници и достоинствен третман за секој пациент.
За министер за социјална политика, демографија и млади го предлагам Ѓоко Велковски.
Не случајно овој ресор денес има и ново име и нова суштина.
Демографијата повеќе нема да биде тема за научни конференции или статистички извештаи. Таа станува едно од најважните државни прашања.
Нема посилна економија без луѓе.
Нема развој без млади.
Нема иднина без силно семејство.
За министер за локална самоуправа го предлагам Иван Стоилковиќ.
Во изминатите две години покажавме дека развојот не смее да биде концентриран само во главниот град. Го започнавме најголемиот инвестициски циклус за општините, затоа што веруваме дека квалитетот на животот на граѓаните се мери таму каде што тие живеат.
Нашата визија останува иста.
Секоја општина да има можност да се развива.
За министер за култура и туризам го предлагам Седат Сулејмани.
Културата е идентитет.
Таа е колективната меморија на еден народ.
Таа е мостот што ги поврзува генерациите.
Истовремено, туризмот не е само економска гранка.
Тој е можност светот да ја запознае нашата историја, нашето природно богатство, нашето културно наследство и нашето гостопримство.
Очекувам овој ресор да биде еден од двигателите на новиот развоен циклус, затоа што државите што знаат да ја раскажат својата приказна, знаат и како да создадат нова вредност.
За министер без ресор го предлагам Ерџан Демир.
Во современото управување координацијата е исто толку важна колку и носењето одлуки.
На државата ѝ се потребни институции што ќе работат како еден систем, а не како одвоени острови.
Почитувани пратеници,
Во годините што следуваат Македонија ќе биде исправена пред големи можности.
Европа се менува.
Светската економија се менува.
Технологијата ги менува правилата на игра.
Државите што ќе имаат храброст да се менуваат ќе напредуваат.
Оние што ќе останат заробени во старите навики ќе заостануваат.
Наш избор е јасен.
Ние нема да дозволиме државата повторно да биде држава што ги следи процесите, туку ќе бидеме држава што ќе ги предводи промените во регионот.
Политиката е минлива.
Функциите се минливи.
Мандатите се минливи.
Но државата останува.
И затоа секоја наша одлука мора да биде донесена со свест дека не ја носиме само за денес, туку и за годините што доаѓаат.
Пред нас има уште многу работа.
Ќе има предизвици, отпори, обиди секој успех да биде минимизиран, а секој проблем да биде претставен како пораз.
Тоа е природата на политиката.
Но природата на државничкото лидерство е поинаква.
Државничкото лидерство не се плаши од критика.
Не бара лесни патишта.
Не носи одлуки според тоа дали ќе бидат популарни утре.
Туку според тоа дали ќе бидат исправни по десет години.
Јас длабоко верувам дека имаме сила да биде успешна европска држава.
Не затоа што некој ќе ни ја подари таа иднина.
Туку затоа што ќе ја заслужиме.
Со работа, знаење, дисциплина. Со чесни институции и силна економија.
Со самодоверба.
И најважно од сè — со верба во сопствените можности.
Предолго нè убедуваа дека Македонија мора да се помири со просечноста, нè убедуваа дека секогаш некој друг ќе одлучува за нашата иднина.
Предолго нè убедуваа дека најголемиот успех е да ги намалиме очекувањата.
Јас никогаш не сум верувал во тоа.
Верувам во народ кој многупати покажал дека знае да се исправи кога е најтешко, во работникот што станува пред изгрејсонце.
Во земјоделецот кој и покрај сите предизвици повторно ја обработува својата нива.
Во лекарот што спасува живот.
Во наставникот што создава нови генерации.
Во полицаецот што ја чува безбедноста.
Во војникот што ја брани татковината.
Во претприемачот што ризикува сопствен капитал за да отвори ново работно место.
Во младите луѓе кои сè уште веруваат дека својата иднина можат да ја создадат овде.
Во нив е силата на Македонија.
Не во политичарите, во Владата.
Туку во народот.
Затоа и нашата задача е едноставна.
Да не бидеме пречка на нивниот успех.
Туку негов најсилен сојузник.
Почитувани пратеници,
Денес не барам од вас доверба за поединци.
Не барам доверба ниту за една политичка партија.
Барам доверба за продолжување на еден процес.
Процес во кој државата повторно се исправи на нозе, во кој ги обновивме темелите, во кој покажавме дека Македонија може повторно да гради, да создава и да победува.
Убеден сум дека најдобрите години не се зад нас. Тие се пред нас.
Но тие нема да дојдат сами.
Еден ден, кога ќе нè оценува историјата, нема да праша кој бил власт, а кој опозиција.
Нема да праша кој победил во дневните политички расправи.
Ќе праша три работи:
Дали бевме достојни на времето што ни беше доверено?
Дали оставивме држава посилна отколку што ја затекнавме?
Дали им дадовме на нашите деца повеќе можности отколку што ние самите имавме?
Јас верувам дека одговорот е да.
Верувам затоа што ја гледам силата на нашиот народ, затоа што ја гледам волјата на луѓето што секој ден работат за оваа држава.
Верувам затоа што знам дека Македонија отсекогаш била најсилна тогаш кога знаела да се обедини околу големите цели.
Затоа, денес ве повикувам да ја продолжиме оваа мисија.
Со повеќе мудрост отколку суета.
Со повеќе единство отколку поделби.
И со цврста увереност дека нашата најголема обврска не е кон оваа генерација политичари, туку кон идните генерации македонски граѓани.
Нека тие еден ден кажат дека ова беше времето кога Македонија поверува во себе. Времето кога престана да се задоволува со малку и почна да се стреми кон големи цели. Времето кога државата не беше само место во кое се живее, туку идеја во која повторно се веруваше.
Тоа е визијата што ја нудиме. Тоа е обврската што ја преземаме. И тоа е иднината за која вреди да работиме – заедно.
Да живее Македонија!

Мени за пристапност