Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Мицкоски: Со Еразмус+ младите имаат пристап до моќен европски финансиски инструмент кој овозможува меѓународна мобилност, учење и професионален развој

Мицкоски: Со Еразмус+ младите имаат пристап до моќен европски финансиски инструмент кој овозможува меѓународна мобилност, учење и професионален развој

Почитувани членови на академската заедница и на реномираниот УКИМ,

Почитувана директорке на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност,

Почитувани претставници на академската заедница,

Драги студенти и млади,

Почитувани гости,

Дозволете ми најнапред да изразам искрено задоволство што денес сум со вас овде, на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – институција која со децении претставува столб на знаењето, критичката мисла и општествениот развој на нашата држава.

Денешниот настан во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност – Еразмус+, не е само формално објавување на програмските приоритети за 2026 година. Тој е порака. Порака дека инвестираме во знаење, во младите и во европската иднина на Македонија.

Државата учествува во програмата Еразмус+ како програмска земја. Тоа значи целосен и рамноправен пристап до сите активности и можности што ги нуди програмата, исто како и земјите членки на Европската Унија. Ова не е симболика, ова е суштинска, практична европска интеграција преку образование, млади и знаење.

Преку Еразмус+, нашата држава активно придонесува кон развојот на образованието, младинските политики и неформалното учење, поттикнувајќи меѓународна соработка, интеркултурен дијалог и унапредување на знаењата и вештините на младите. Тоа се темелите врз кои се гради современа, конкурентна и демократска држава.

Особено сакам да истакнам дека за 2026 година е обезбеден, како што веќе слушнавте најголемиот буџет во оваа финансиска рамка во вкупен износ од над 8 милиони евра. Ова не е случајно. Ова е резултат на јасна определба, да се вложува таму каде што приносот е најголем: кај младите луѓе.

Еден од значајните инструменти што директно ги засега младите е Европската младинска картичка. Таа им овозможува на младите попусти и поволности во 38 европски држави, во области како што се патување, култура, образование, спорт и секојдневни услуги. Но уште поважно – таа создава чувство на припадност, на европска младинска заедница, каде младите од Македонија се рамноправен дел.

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност има особено важна улога и во креирањето и имплементацијата на Акцискиот план од Законот за младинско учество. Преку активностите поврзани со програмата Еразмус+, Агенцијата директно придонесува кон остварување на целите на Законот – особено во делот на младинското учество, информираноста и активната вклученост на младите во општествените процеси.

Имплементацијата на Законот за младинско учество значи јасно дефинирани можности за младите:

– учество во носење одлуки,

– пристап до квалитетни информации,

– поддршка за личен и професионален развој.

Со тоа, младите не се гледаат само како корисници на политики, туку како активни чинители во општеството.

Преку програмата Еразмус+, младите и младинските работници од нашата земја имаат пристап до моќен европски финансиски инструмент што овозможува меѓународна мобилност, учење и професионален развој во полето на младинската работа. Истовремено, Еразмус+ е клучен европски механизам и за студентите и универзитетите.

Студентите добиваат можност да студираат.

За универзитетите, Еразмус+ значи јакнење на институционалните капацитети, модернизација на наставата и активно вклучување во европски академски и истражувачки мрежи.

Дозволете ми да се осврнам и на клучните приоритети што ги поврзуваат програмата Еразмус+ и националните младински политики.

Прво – задржување и активирање на младите, нешто што за нас е многу важно. Нашите политики имаат јасна цел: да го намалат одливот на млади и да го зголемат нивното активно учество во општеството. Еразмус+ придонесува кон тоа преку квалитетни можности и дома и во Европа, кои ги мотивираат младите да се развиваат, но и да се вратат, да останат и да придонесуваат дома.

Второ – активно граѓанство и демократско учество. Програмата ја поддржува културата на учество, одговорност и дијалог. Преку младински дијалог, размени и граѓански активности, се гради генерација која знае да учествува, да прашува и да носи одговорни одлуки.

Трето – социјална инклузија и еднакви можности. Еден од најважните принципи е обезбедување пристап до можности за сите млади, особено за оние со помалку можности.

И четврто – европска интеграција и усогласување со ЕУ политики. Преку Еразмус+, европските вредности не се учат теоретски – тие се живеат. Тоа е европска интеграција на дело, преку младите, образованието и знаењето.

Почитувани,

Нашата визија е јасна Македонија како држава што инвестира во младите, што создава можности и што гради европска иднина дома. Програмата Еразмус+ и работата на Националната агенција се клучен дел од таа визија.

Убеден сум дека програмските приоритети за 2026 година ќе бидат уште еден чекор напред кон поактивни млади, посилни институции и посигурна европска иднина на нашата држава.

Ви благодарам за вниманието и ви посакувам успешна и инспиративна работа

Мени за пристапност