Почитувани присутни,
Дами и господа,
Денес сме сведоци на еден значаен момент за македонскиот енергетски сектор. Особена чест ми претставува што сум овде, на официјалниот почеток на тргувањето на „Пазарот во тековниот ден“- Intraday Market, организиран од страна на МЕМО ДООЕЛ Скопје.
Ова не е само нова техничка алатка или уште една административна процедура. Ова е сериозен исчекор кон модерна, стабилна и европски усогласена енергетика. Тоа е показател дека чекориме напред, со јасна визија и со конкретни реформи кои носат резултати.
Во време кога енергетиката е едно од најважните прашања за секоја држава, нашата обврска е да создадеме систем кој ќе биде сигурен, конкурентен и отпорен на глобалните предизвици. Intraday Market токму тоа го овозможува. Со оваа платформа добиваме поголема флексибилност во управувањето со електроенергетскиот систем, подобро балансирање и поефикасно користење на енергијата во реално време.
Ова е особено важно во период кога целиот европски континент минува низ процес на енергетска трансформација. Нашата држава не смее да стои настрана. Напротив, мора да биде активен дел од европските енергетски текови и политики.
Тука сакам да ја истакнам улогата на „МЕМО“, како национален оператор на пазарот на електрична енергија. Со воведувањето на Intraday тргувањето, МЕМО уште еднаш потврдува дека поседува капацитет, знаење и професионалност да биде модерен и доверлив партнер на пазарот. Овој успех е резултат на сериозна работа, стручност и посветеност.
Ваквите реформи не се случуваат преку ноќ. Тие бараат визија, храброст и јасна определба да се следат европските стандарди. А токму тоа денес го правиме.
Intraday Market претставува важен чекор кон интеграција со европските енергетски пазари. Тој ќе придонесе за поголема транспарентност, подобра ликвидност и поголема конкуренција на пазарот. Истовремено, ќе овозможи поефикасно справување со дебалансот и намалување на системските ризици.
Особено значајно е што оваа реформа ќе помогне и во ублажување на ефектите од механизмите како CBAM, нешто за кое што овде веќе се зборуваше.
Нашата цел е јасна- да изградиме енергетски систем кој нема само да ги задоволува домашните потреби, туку ќе ја позиционира Македонија како држава која може да биде и нето извозник на електрична енергија.
Тоа е дел од пошироката визија на Владата; силна економија, стабилен енергетски сектор и држава која создава сигурност за граѓаните и стопанството.
Почитувани,
Ова е важен чекор, но не и последен. Пред нас има уште многу работа, уште многу реформи и уште многу предизвици. Но убеден сум дека со посветеност, партнерство и јасна стратегија ќе продолжиме да го јакнеме македонскиот енергетски сектор.
Денес испраќаме порака дека се менуваме, се модернизираме и се движиме напред.
Со особено задоволство, официјално го означувам почетокот на тргувањето на Intraday Market овде, кај нас во Скопје.
Нека е со успех.
Ви благодарам.