Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања во однос тоа дали ќе се продолжи мерката намалено ДДВ од 18 на 10% за горивата и дали можеби ќе се интервенира во акцизата, бидејќи се чека предолго со оглед на тоа што се поскапени горивата без разлика што се поевтини од оние земји во регионот, дали ќе се прогласи кризна состојба на пазарот со електрична енергија, како и дали оваа мерка веќе дава резултат, изјави:
„Јас можам да кажам дека единствената земја во регионот којашто оваа недела не ги покачи, односно ги намали цените на горивата, е Македонија. Безоловниот 95 и 98 октански е намален за 2,5 денари, а дизелот не се покачи. И тоа е резултат на одлука на Регулаторната комисија, тоа е прво.
Второ, убедливо имаме најевтини цени на горивата во регионот. Тоа значи дека, ако кај нас безоловниот се движи од 1,33 евро центи за литар до 1,39 евро центи за литар, 95, 98 октанскиот и ако дизелот е некаде околу 1,5 – 1,53 евро центи за литар, да речеме во соседна Албанија и Грција е над 2 евра, во соседна Србија е од 1,81 до над 2 евра, во Косово исто така. Во Германија веќе имаме и до 3 што стигаат евра, цените по литар и во останатите европски земји.
Со други зборови, во овој прв месец, во историски најголемата нафтена криза, после онаа од 73-та, односно седумдесеттите години на минатиот век, ние како држава рефлектираме стабилност и сигурност и план да се справиме со овој предизвик. Јас ги уверувам граѓаните дека во овој момент состојбата е стабилна и не гледам апсолутно никаква причина за страв од немање енергенси, воведување на не знам какви кризни состојби и во делот на пазарот на електрична енергија и во делот на пазарот на нафта и нафтени деривати. Што ќе се случува за месец, два, три, пет, не знаеме. Можеме да претпоставиме, да собираме информации, да анализираме и да носиме одлуки. Предизвици ќе има, тоа не зависи од нас. Зависи од други фактори во светот, но ние како Влада ќе реагираме исклучиво во интерес на граѓаните.
Ме прашавте дали ќе ја продолжиме мерката, апсолутно доколку видиме дека ќе имаме зголемување на цените на безоловниот бензин и на дизелот, тогаш апсолутно дека ќе ја продолжиме таа мерка, сѐ додека трае кризната состојба. Ако продолжи и понатаму, ќе ја продолжиме и кризната состојба и ќе ја продолжиме повторно мерката. И ако повторно ескалира, имаме уште алатки на располагање, вие споменавте, тука се, се разбира акцизите, ни стојат сеуште на располагање.
Она што е можеби позитивна вест, е што утрово суровата нафта од типот ВТИ и од типот Брент е околу стотина долари за барел, значи имаме благо намалување. Ќе видиме до петок како ќе се одвива сето ова, па на крај на ден во петок, кога ќе заврши тргувањето, ќе можеме да знаеме која ќе биде цената отприлика, којашто во понеделник Регулаторна комисија би ја донела. И врз основа на тоа ќе носиме одлука за време на викендот, ако треба вонредна седница на Владата ќе свикаме и тоа ќе го направиме.
Така што да сумирам. Единствена држава којашто ги намали цените, единствена држава во регионот и можеби најдобра во Европа, што се однесува до цените на нафтата и нафтените деривати, од аспект на количини граѓаните да бидат спокојни има доволно. Ситуацијата ќе ја следиме и во зависност од ситуацијата, така ќе реагираме. Предизвици ќе има, но тие предизвици не зависат од нас, тие зависат од глобалната состојба. Да не создаваме паника, состојбата е под контрола за разлика од некои минати времиња кога паниката беше и неспособноста и криминалот и корупцијата, второ име на некои претходни Влади.
Ме прашавте околу пазарот на електричната енергија, апсолутно ЕСМ има на располагање некаде околу 3.200 тони мазут, коишто ги ставаме на располагање. Уште од минатата година може да ги користат, има доволно.
Видете јас на дневна основа не знам дали се повлечени, но можат кога сакаат да ги повлечат, доколку имаат потреба, се разбира. Тоа е поврзано со мазутот.
Од аспект на функционирањето на производните капацитети, тие функционираат. Акумулациите се на некаде отприлика над 40%, што за овој од годината, е да речеме најмалку двојно повеќе од некои минати времиња. Сега почнува и сезоната за наводнување, отприлика некаде првата половина на април. Имаме доволно количина вода и за производство на електрична енергија и за земјоделците за наводнување. Деновиве во одредени моменти од денот, ЕСМ дури продава на берзи и заработува отприлика од 100 до 150 илјади евра на ден. Нема да има поскапување на цената на електричната енергија за граѓаните, така што целата состојба е под апсолутна контрола. Ќе повторам, предизвици ќе има, дневно ги решаваме. Поголеми предизвици можеби ќе има, не знам тоа не зависи од нас, зависи од некои други фактори, ќе повторам, во светот. Но затоа сме ние Влада да реагираме проактивно, а не реактивно.“