Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Минчев: Транспарентноста, отвореноста и отчетноста мора да станат природен начин на работа на институциите

Минчев: Транспарентноста, отвореноста и отчетноста мора да станат природен начин на работа на институциите

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска на конференцијата „Од заеднички приоритети до конкретни заложби“ го претстави националниот акциски план за Партнерство за отворена власт за периодот 2026–2028 година, кој е резултат на повеќемесечен процес на консултации, дијалог и заедничка работа меѓу институциите и граѓанските организации.

Во своето обраќање, Минчев истакна дека отвореното управување не смее да се сведе на формална обврска, туку мора да стане суштински принцип на функционирање на институциите, препознатлив преку транспарентното одлучување, отчетноста и непосредното вклучување на граѓаните во креирањето на јавните политики.

„Граѓаните со право очекуваат достапна, професионална и ефикасна администрација, која обезбедува квалитетни јавни услуги и навремено одговара на нивните потреби. Но, подеднакво важно е институциите да бидат транспарентни во своето работење, да ги образложуваат одлуките и да создаваат можности граѓаните да учествуваат во креирањето на јавните политики“ - нагласи тој.

Националниот акциски план опфаќа четири приоритетни области: спречување на корупцијата, граѓански простор и учество, дигитално управување, како и климатски промени и животна средина. Предложените заложби се насочени кон поголема транспарентност и јавен надзор врз користењето на јавните ресурси, унапредување на граѓанското учество и полесен пристап до податоци од јавен интерес.

Посебен акцент беше ставен на значењето на интегрираниот пристап кон отвореноста на државата, преку трите нејзини компоненти - Отворена влада, Отворен парламент и Отворено судство. Министерот посочи дека транспарентноста и отчетноста се заедничка одговорност на извршната, законодавната и судската власт и дека отворена држава може да се гради единствено преку координирана институционална посветеност.

Тој ја истакна и улогата на граѓанските организации во процесот на ко-креирање на јавните политики, нагласувајќи дека вистинското партнерство подразбира отвореност кон различни мислења, аргументи и искуства, со цел да се дојде до решенија што се истовремено потребни, правно засновани и институционално остварливи.

„Вистинското партнерство не подразбира секогаш да имаме идентични ставови. Тоа подразбира подготвеност да ги слушнеме различните аргументи и заеднички да дојдеме до подобри и поодржливи решенија“ - истакна министерот.

Во претстојниот период, процесот ќе продолжи со финализирање на предложените заложби, усогласување на преостанатите прашања и подготовка на Планот за усвојување, планирано до крајот на 2026 година.

„Отвореноста не треба да биде дополнителна обврска на институциите. Таа треба да стане нивен природен начин на работа, препознатлив во секоја одлука, секоја услуга и секој однос кон граѓаните. Нашиот следен предизвик е заедничките заложби да ги претвориме во резултати, резултатите во трајни подобрувања, а тие подобрувања во поголема доверба на граѓаните во институциите“ - заклучи Минчев.

Министерството за јавна администрација ќе продолжи да ја обезбедува потребната координација и институционална поддршка, во соработка со институциите носители, Советот за Партнерство за отворена власт и граѓанските организации, со цел да се обезбедат континуитет во спроведувањето и транспарентно следење на постигнатиот напредок.

Мени за пристапност