Министерот Агон Ферати денеска оствари средба со вршителката на должност шефица на Мисијата во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје, Н.Е. г-ѓа Nicole Varns.
Средбата се одржа во важен момент за Министерството, кое работи на подготовка на Годишниот план, како и на процесот на реструктуирање и модернизирање на институцијата.
На средбата се разговараше за актуелната состојба, приоритетите на Министерството во наредниот период, како и за активностите во рамки на одбележувањето на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор.
Министерот Ферати, истакна дека Охридскиот рамковен договор останува еден од најважните темели на мирот, стабилноста и инклузивноста во земјата, додека годишнината претставува можност за отворање нов пристап кон градењето доверба меѓу заедниците и институциите.
„Нашата цел е да изградиме функционална, инклузивна институција, која ќе биде поблиску до граѓаните. Соживотот не е само политички концепт; тој треба да се почувствува во начинот на кој функционираат институциите и во начинот на кој се третира секој граѓанин“, истакна министерот Ферати.
На средбата беше реафирмирано значењето на соработката со Соединетите Американски Држави како стратешки партнер на Северна Македонија, особено во процесите поврзани со демократијата, инклузивните институции, довербата меѓу заедниците и евроатлантската перспектива на земјата.