Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, оствари работна средба со амбасадорката на Република Хрватска во Република Северна Македонија, Н.Е. Нивес Тигањ, на која беа разгледани состојбите и перспективите за унапредување на билатералната економска соработка меѓу двете пријателски земји.
На средбата беше констатирано дека одличните политички односи и традиционално добрите билатерални врски создаваат силна основа за натамошно интензивирање на економската и бизнис соработката, особено во контекст на европската интеграција и регионалната поврзаност.
Министерот Дурмиши ја истакна позитивната динамика во надворешно-трговската размена, при што вкупната трговија меѓу двете земји бележи континуиран раст, а извозот на Република Северна Македонија кон Хрватска во последните години значително се зголемува. Двајцата соговорници се согласија дека постои дополнителен потенцијал за продлабочување на соработката во клучни сектори како што се прехранбената индустрија, енергетиката, фармацијата, градежништвото, индустриското производство и туризмот.
Посебен акцент беше ставен на странските директни инвестиции, при што беше истакнат растечкиот тренд на хрватските инвестиции во Северна Македонија, особено во услужниот сектор, преработувачката индустрија и ИТ-дејностите. Министерот нагласи дека Владата останува посветена на создавање поволна деловна клима и дополнителни стимули за привлекување нови инвестиции и отворање квалитетни работни места.
Двајцата соговорници ја потврдија заедничката подготвеност за натамошно јакнење на економската дипломатија, организирање бизнис форуми и поддршка на директна соработка меѓу стопанските комори и компаниите од Северна Македонија и Хрватска, со цел целосно искористување на економските потенцијали во интерес на граѓаните на двете држави.