„Ние мораме да си ги завршиме нашите домашни обврски и тие ќе ги завршиме до февруари. Останатото ќе биде лобирање и договор на ниво Македонија-ЕУ и Западен Балкан-ЕУ“, изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во вечерашното интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
На прашањето дали е реално одлуките за Македонија да бидат донесени во март, а евентуално од септември да започне да се применува „роаминг како дома“, министерот одговори:
„Што се однесува до нашата домашна задача – целосно е реално, затоа што ние обврските ќе ги исполниме, можам да кажам, први во регионот, што беше и првиот таргет. Се надевам дека ќе постои свесност и кај ЕУ дека отворањето на ова прашање ќе биде од огромно значење за сите граѓани.“
Министерот Андоновски појасни дека домашната задача, меѓу другото, опфаќа пренесување на четири регулативи во Законот за електронски комуникации преку една измена, како и донесување дополнително еден до два подзаконски акта.
Инаку, од 1 јануари годинава за граѓаните на Украина и на Молдавија почна да важи „роаминг како дома“, а зошто тоа не се случи и со Македонија, Андоновски посочи дека во ниту еден момент Македонија не била ставена во групата на Украина и Молдавија, нагласувајќи ја важноста на ова прашање за граѓаните:
„Ова прашање е едно од најважните кои нè засегаат и сметам, барем според мое мислење, е на ниво на визната либерализација, затоа што навистина се чувствува придобивката да бидете дел од поширокиот европски простор и во рамки на телекомуникацискиот свет. За нас беше топ-приоритет, но во ниту еден момент не бевме поставени во групата на Украина и Молдавија, кои први го започнаа процесот што беше инициран и од војната во Украина и од напливот на бегалци од Украина кон Полска и кон останатите држави на Европската Унија“, нагласи Андоновски.
Во продолжение, министерот Андоновски се осврна и на иницијативноста и на чекорите што се преземени во изминатиот период:
„Направен е крупен чекор со донесувањето на Законот за електронски комуникации, затоа што за првпат се повика Европската Унија да обезбеди еднакви роаминг-услови за Македонија и за регионот уште на почетокот на Берлинскиот процес, кога тоа беше овозможено за државите од Западен Балкан. Што значи дека и моите претходници и претходните влади се обидувале на некој начин да дискутираат, но ќе дојдам до тоа дека, за жал, не беше завршена домашната задача. Вториот аспект, политичкиот, сметам дека потекна од Украина поради кризата и беше вграден во договорите со Украина и со Молдавија во моментот кога тие беа потпишани. Кај нас и кај Црна Гора и Албанија нема потпишано таков вид договор, што значи ќе треба билатерално да се договараме. Во нашите договори за стабилизација и асоцијација не стојат прашањата на роаминг како можност за ослободување. Околу домашната задача – ние требало уште од 2018 година да го приспособиме Европскиот комуникациски код. Тоа е еден голем законик на Европската Унија, во нашиот Закон за електронски комуникации, и уште четири други регулативи – две од 2016 година, една од 2018–2019 и една од 2022 година. За жал, ниту една од овие регулативи не биле пренесени во македонското законодавство. Ние направивме еден голем чекор со донесувањето на Законот за електронски комуникации во текот на 2025 година и на крајот на 2025 дополнително го доусогласивме“, заврши министерот Андоновски.