Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Министерството за односи меѓу заедниците организираше настан по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

Министерството за односи меѓу заедниците организираше настан по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, Министерството за односи меѓу заедниците, во соработка со Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците и Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците, денеска организираше пригоден настан посветен на унапредувањето и афирмацијата на јазичната разновидност.

Во рамки на одбележувањето беа доделени благодарници на две институции, и тоа - Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Националната установа „Музеј на албанската азбука“, како и на наставниците Марија Николова, Аџер Иметоска, Изета Бабачиќ, Аида Зуковиќ, Дарија Ковачевиќ-Божиновска, Арабела Иљаз и Жаклина Милинковиќ, претставници на етничките заедници кои наставата ја реализираат на мајчин јазик, како признание за нивниот придонес во негувањето, зачувувањето и развојот на јазичниот и културниот идентитет на заедниците.

На настанот се обратија потпретседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, г. Иван Стоилковиќ, како и директорите на двете управи во рамки на МОЗ, г. Мирослав Тричковиќ и г. Исмаил Демировиќ, а се отвори и конструктивна дискусија за состојбите во образованието на јазиците на заедниците, при што се разговараше за тековните планови и активности, како и за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат заедниците во обезбедувањето квалитетна настава на мајчин јазик, особено кога станува збор за учебниците на јазиците на етничките заедници. Присутните разменија мислења и предлози со цел унапредување на институционалната поддршка и надминување на предизвиците.

„Разбирањето меѓу нас и разбирањето на другите, како и заемната соработка е темел и само така можеме да постигнеме резултати и да изнајдеме решение за сите проблеми“, истакна потпретседателот и министер Стоилковиќ, испраќајќи порака до авторите на учебници на јазиците на етничките заедници да не се обесхрабруваат и да ја продолжат својата мисија за доброто на идните генерации.

Настанот е дел од заложбите за континуирана поддршка на политиките што ја промовираат еднаквоста, недискриминацијата и почитувањето на правото на образование на мајчин јазик.

Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, воспоставен од Обединетите нации и УНЕСКО во 1999 година, има за цел промоција и заштита на јазичната разновидност и поттикнување на образованието на мајчин јазик како значаен предуслов за зачувување на културниот идентитет и унапредување на меѓусебното почитување и соживот.

Мени за пристапност