Изградбата на автопатот Прилеп–Битола се одвива со добра динамика, а првите 12 километри од вкупно 40 километри се очекува да бидат ставени во функција следната година. Ова го истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, во поткастот „Каде се парите? со Горан Теменугов“, каде зборуваше и за преостанатото поврзување од Фариш до Прилеп.
Николоски посочи дека на оваа делница се применува поинаков пристап при изградбата што треба да придонесе за поголема стабилност.
„Прв пат во Македонија се работи автопат без земјена подлога, односно се поставува подлога од дробен камен, што значително ќе ја зголеми стабилноста на возењето. Истото ќе биде и на Кичево–Букојчани и на Скопје–Блаце“, изјави министерот.
Според Николоски, следната година треба да биде пуштен во употреба првиот сегмент од автопатот.
„Првите 12 километри од вкупно 40, на автопатот Прилеп–Битола ќе бидат ставени во функција следната година. Она што сега останува е делот од Фариш до Прилеп, затоа што автопатот почнува некаде на 9 километри над Прилеп и ќе останат 25 километри кои што не се решени. Тие 25 километри во моментов разговараме да изнајдеме решение да се градат како автопат или експресен пат“, посочи Николоски.
Прилеп–Битола е дел од поширокото инфраструктурно поврзување на регионот, а во изминатиот период беа пуштени во употреба и двете фази од експресниот пат Прилеп–Градско, односно делниците Градско–Дреново и Дреново–Фариш.