Министерството за односи меѓу заедниците, во соработка со Агенцијата за остварување на правата на заедниците, го започна процесот на изработка на „Стратегијата за развој на интеркултурализам и општествена кохезија 2027–2032 со Акциски план“, согласно заклучок на Владата на РС Македонија донесен на 129. седница.
Во рамките на овој процес, обезбедена е значајна поддршка од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Канцеларијата на Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, со што се создаваат услови за квалитетна и навремена реализација на предвидените активности.
Процесот на изработка на Стратегијата ќе се одвива во две фази. Во рамките на првата, Министерството за односи меѓу заедниците ќе формира меѓуинституционални кластерски работни групи кои ќе изготват извештај за степенот на реализација на актуелната стратегија (2024-2026). Паралелно со ова, потребно е да се направи проценка на потребите и перцепциите на граѓаните на РСМ по однос на меѓуетничките односи. За таа цел, ќе се подготват прашалници, ќе се организираат фокус групи и ќе се спроведат интервјуа, за што е потребно ангажирање на домашен експерт. Активностите од првата фаза се очекува да бидат финализирани до крајот на септември 2026 година.
Во втората фаза, пак, е предвиден ангажман на повеќе домашни експерти, кои заедно со работните групи ќе работат на изготвување на финалниот текст од Стратегијата. Оваа активност треба да биде финализирана до крајот на декември 2026 година.
Со ваквата поддршка и партнерски пристап се овозможува сеопфатен и инклузивен процес на креирање на стратешки документ, кој ќе придонесе кон унапредување на интеркултурализмот и зајакнување на општествената кохезија во државата.