Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Димитриеска-Кочоска: Половина од уплатените средства за солидарниот данок ќе ги вратиме во март кон компаниите

Димитриеска-Кочоска: Половина од уплатените средства за солидарниот данок ќе ги вратиме во март кон компаниите

Компаниите коишто во 2023 година уплатија средства во буџетот по основ на Законот за данок на солидарност во март оваа година ќе добијат половина од уплатените средства. Ова го најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во одговор на пратеничко прашање на денешната седница во Собранието.

„Како што најавивме половина од уплатените 3 милијарди денари ќе бидат вратени во март.  Процесот за да се организира целата постапка беше тешка, но Министерството за финансии беше транспарентно и во постојана комуникација со приватниот сектор.  Требаше да се воспостави комуникација со сите компании, па најпрво одлучивме да воспоставиме комуникација со стопанските комори, каде разговаравме за нашите размислувања и предлози, а потоа да донесеме заеднички пристап. Во август 2025 година, Владата нè задолжи како Министерство за финансии да испратиме официјални дописи до сите 156 компании, со барање да се произнесат за моделот на враќање на средствата. Нашиот предлог беше враќањето да се реализира на две рати: првата во март 2026 година и втората во март 2027 година, предлог којшто најголемиот дел од компаниите го прифатија, рече министерката за финансии.

Таа појасни дека не случано е избран март за да се реализира процесот на враќање, бидејќи во тој период се поднесуваат завршните сметки и се плаќа данокот на добивка, а со оглед на тоа што данокот на солидарност по својата природа е сличен, целта беше да се совпадне периодот со можност компаниите да извршат пребивање на обврските.

Наведе дека е донесена одлука за подготвување измени и дополнување на правилникот за формата и содржината на образецот за барање за враќање на повеќе или погрешно наплатен данок, заедно со упатството за пополнување и дека тој е веќе донесен и објавен во „Службен весник“, по што компаниите можат да поднесуваат барања до Управата за јавни приходи.

Министерката потсетувајќи дека Законот е донесен во 2023 година и дека на 5 февруари 2025 година Уставниот суд го поништи Законот, рече дека се создаде ситуација во која преку неуставен закон се собрале средства, средствата се потрошени, а денес оваа Влада ги враќа.

„Факт е дека беа собрани 3 милијарди денари од приватниот сектор со Закон за којшто се знаеше дека ќе падне. Факт е дека тие средства беа потрошени, оставајќи сериозни обврски што денес оваа Влада ги сервисира. Очигледно беше дека предлагачите знаеле дека изборите во 2024 година ќе ги изгубат и дека некој друг ќе треба да се грижи за враќањето на средствата“, рече министерката и потенцира дека оваа Влада во ниту еден момент не донесе ад-хок одлука, одлука недоговорена со приватниот сектор, ниту пак донесе мерка што дополнително ќе ги оптовари компаниите или граѓаните.

Мени за пристапност