Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Потпишан Меморандум за соработка со Oracle: Дигиталната трансформација не започнува со технологијата, туку со луѓето

Потпишан Меморандум за соработка со Oracle: Дигиталната трансформација не започнува со технологијата, туку со луѓето

Министерството за дигитална трансформација и Oracle потпишаа Меморандум за соработка за развој на дигиталните вештини, обука и преквалификација на граѓаните

 

Oracle претставува светски лидер во дигитални решенија, со што се воспоставува стратешко партнерство насочено кон развој на дигиталните вештини, јакнење на човечкиот капитал и забрзување на дигиталната трансформација во државата.

 

Меморандумот беше потпишан со потпретседателот на OraclePierre-Alain Baetz, а соработката отвора нови можности за поврзување на образованието, институциите и граѓаните со современи технолошки знаења, практични алатки и програми за учење во области како cloud технологии, вештачка интелигенција, сајбер безбедност и управување со податоци.

 

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека ова партнерство претставува конкретен чекор во една од најважните политики на Министерството – развој на дигитални вештини и вложување во луѓето како носители на промените.

 

„Дигиталната трансформација не започнува со технологијата, туку со луѓето. Во време кога дигиталната економија се развива со невидена брзина, најголемиот капитал на една држава не е технологијата, туку луѓето кои знаат да ја користат“, порача министерот Андоновски.

 

Тој нагласи дека партнерството со Oracle претставува стратешка алатка за надминување на јазот во дигитални вештини и директна инвестиција во знаењето, можностите и конкурентноста на македонските граѓани.

 

Соработката е поставена на два комплементарни столба. Првиот е Oracle Academy, преку кој високообразовните институции ќе се поврзат со современи технологии и практични содржини, со цел студентите да стекнуваат знаења што се усогласени со потребите на индустријата и реалниот пазар на труд.

 

Вториот столб е Oracle University Skills Development Initiative, насочен кон пошироката јавност. Преку оваа иницијатива, за првпат се воспоставува структуриран систем за обука, дообука и преквалификација на граѓаните, вклучително и преку Националниот портал за е-услуги, кој Министерството го води како една од своите клучни активности.

 

Преку ова партнерство, граѓаните ќе имаат пристап до повеќе од 200 часа бесплатна дигитална содржина, прилагодена за сите нивоа на знаење, што ќе овозможи стекнување на нови вештини, надградување на постојните знаења и отворање нови можности за вработување, професионален развој и преквалификација.

 

Како дел од соработката, поставена е и јасна цел – 10.000 обучени граѓани во следните три години, со амбиција значителен дел од нив да стекнат и меѓународно признати сертификати. Тоа ќе значи поголема вработливост, повисока конкурентност на пазарот на труд и посилна поддршка за развојот на домашната економија.

 

Овој проект е во согласност со стратешките приоритети на Министерството и со визијата SMART/MK 2030, која е наведена меѓу важечките стратегии на Министерството, со фокус на општество базирано на знаење, дигитални услуги и развој на човечки капитал.

 

Министерството за дигитална трансформација очекува активна вклученост од универзитетите, институциите и приватниот сектор, со цел оваа можност да биде искористена максимално и да донесе мерливи резултати во краток рок.

 

Со потпишувањето на Меморандумот со Oracle, Министерството прави уште еден конкретен чекор кон создавање современо, дигитално подготвено и конкурентно општество, во кое технологијата ќе биде ставена во служба на граѓаните и нивниот развој.

Мени за пристапност