Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Потпишан Меморандум за соработка за дигитално поврзување помеѓу Управниот суд, јавните органи и Вишиот управен суд преку софтверската платформа-ЕПУС

Потпишан  Меморандум за соработка за дигитално поврзување помеѓу Управниот суд, јавните органи и Вишиот управен суд преку софтверската платформа-ЕПУС

Во пресрет на Денот на правосудството, Министерството за правда претставувано од министерот за правда Игор Филков и Управниот суд претставуван од претседателот на судот, Бурим Сејдини ,потпишаа Меморандум со кој се воспоставува рамка за дигитално поврзување и унапредување на електронската комуникација помеѓу институциите преку софтверската платформа

Меморандумот има за цел да обезбеди побрзо, побезбедно и поефикасно водење на управните спорови, особено во постапките каде Министерството за правда се јавува како тужена страна. Со неговата примена се овозможува целосна дигитализација на размената на документи и информации, што значително ќе придонесе за намалување на административните процедури и забрзување на судските процеси.

Преку платформата ЕПУС ќе се овозможи електронска достава на тужби, одговори, жалби, судски одлуки и други акти, како и нивно интегрирање во електронско досие на предметот. Дополнително, системот овозможува навремено известување за сите процесни дејствија, со што се зголемува транспарентноста и правната сигурност за сите учесници во постапките.

Соработката ќе се реализира во согласност со важечките законски прописи, вклучително и законите за управни спорови, општа управна постапка, судови, електронско управување и заштита на личните податоци. Особено внимание ќе се посвети на безбедноста и доверливоста на податоците, преку примена на највисоки технички и организациски стандарди.

Министерството за правда ќе назначи овластени лица за работа со платформата, додека Управниот суд ќе обезбеди техничка поддршка, пристап и обука за нејзино користење.

Овој Меморандум не создава финансиски обврски за страните, туку претставува израз на заедничка заложба за модернизација на правосудниот систем и унапредување на институционалната соработка.

Со овој чекор, институциите прават значаен исчекор кон дигитализација на правосудството и подобрување на услугите кон граѓаните и правните субјекти.

Мени за пристапност