Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денес истакна дека Законот за работно ангажирање на лица, кој започна да се применува од 1 јануари 2026 година, претставува значаен исчекор во уредувањето на пазарот на трудот и формализацијата на сивата економија.
„Тековниот период беше наменет за техничка и институционална адаптација, со цел имплементацијата на законот да биде ефикасна, усогласена и функционална во пракса. Формализацијата на сивата економија е стратешка определба на Владата и клучен сегмент од реформската агенда, бидејќи директно влијае на економскиот раст, стабилноста на јавните финансии и заштитата на работниците“, нагласи министерот.
Министерството за економија и труд досега спроведуваше активни политики преку Оперативниот план за вработување, но анализите покажуваат дека дел од лицата остануваат надвор од формалните текови. Токму затоа е донесен овој закон, кој претставува суштинска реформа во повременото и сезонското ангажирање на работна сила.
Законот воведува пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. Новите правила овозможуваат ангажирање на вработени, невработени, студенти, ученици и пензионери без губење на веќе стекнати права, вклучително и социјални и детски права, паричен надоместок, пензии и права од образовниот систем.
Во првата фаза, законот ги опфаќа секторите каде сивата економија е најизразена – земјоделство, шумарство, рибарство, сместување, сервисни дејности за храна и активности во домаќинствата. Очекувањата се за формализација на до 12.000 сезонски работници во земјоделството и околу 5.400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите, што вкупно опфаќа околу 17.400 лица.
„Оваа реформа носи конкретни придобивки и за работниците и за работодавачите. Работодавачите добиваат флексибилност и поедноставни административни постапки, а работниците добиваат исплата по час, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда или професионално заболување, како и јасна правна заштита на нивните права“, рече министерот.
Министерот Дурмиши упати посебна благодарност до Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) за експертската и техничка поддршка, како и до Агенцијата за вработување, Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и сите други институции кои придонесоа во воспоставувањето на функционален и ефикасен систем.Со почит одделение за односи со јавност