Во Министерството за финансии денеска се одржа првиот состанок на Комитетот за јавни финансии – меѓуресорско тело чијашто задача е да ги разгледува и утврдува приоритетите за финансирање на предлог-проекти за јавни инвестиции на централната власт. Со Комитетот претседаваше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, а на денешниот состанок присуствуваше и се обрати премиерот Христијан Мицкоски.
„Денеска, заедно со претседателот на Владата, го одржуваме првиот состанок на Комитетот за јавни инвестиции, со што започнуваме посистемски пристап во планирањето и управувањето со јавните инвестиции во државата. Станува збор за нов начин на организирање и носење одлуки кога станува збор за капитални проекти со вредност над 5 милиони евра. На овој начин Владата и Министерството за финансии потранспарентно и поорганизирано ќе можат да ги носат одлуките за оние проекти коишто се зрели и подготвени за инвестирање, но истовремено и многу поедноставно ќе се планираат буџетите за следните години“, рече министерката.
Таа додаде дека целта на оваа реформа е јавните инвестиции да бидат планирани и реализирани на многу поодговорен начин врз основа на јасни критериуми, реална изводливост и долгорочна развојна логика. На тој начин, како што додаде, обезбедуваме јавните средства да се насочуваат кон проекти коишто носат најголема вредност за граѓаните и најсилен придонес за економскиот раст.
Таа оцени дека формирањето на Комитетот претставува значаен чекор кон модернизација на системот за управување со јавните инвестиции и ја потврдува определбата на Владата за воспоставување посилен, поодговорен и стратешки насочен систем, во кој секое вложено јавно средство ќе создава реална развојна вредност и подобар квалитет на живот за граѓаните.
На ваков начин, како што посочи министерката, се воведува повисоко ниво на транспарентност и отчетност во процесот на одлучување, односно секој проект ќе биде предмет на детална анализа, со цел да се осигураме дека инвестираме во проекти коишто се добро подготвени, финансиски одржливи и усогласени со стратешките приоритети на државата. Ова претставува важен чекор кон воведување ред, предвидливост и поголема ефикасност во капиталното планирање.
Формирањето на овој Комитет е дел од Реформската агенда на Владата и директно произлегува од новата Уредба за управување со јавни инвестиции, една од клучните реформи во јавните финансии. Комитетот на денешниот состанок ја разгледа првата листа на предложени проектни идеи кои ќе претставуваат основа за понатамошно дефинирање на приоритетната листа на јавни инвестиции. Проценетата вредност на проектите е 3,4 милијарди евра. Со Уредбата се воведе обврска сите буџетски корисници, јавните претпријатија, акционерските друштва во државна сопственост и општините до Министерството за финансии да ги доставуваат своите иницијативи за јавни инфраструктурни проекти со проценета вредност над 5 милиони евра, со што првпат се создава единствен и координиран пристап во разгледувањето на крупните јавни инвестиции.
Комитетот за јавни инвестиции е формиран во септември 2025 година. Во неговата работа се вклучени сите ресорни министри и ќе се состанува најмалку два пати годишно, а по потреба и почесто.