Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Работна средба со премиерот на Република Србија, г. Ѓуро Мацут

Работна средба со премиерот на Република Србија, г. Ѓуро Мацут

Во рамки на официјалната посета на земјава, денеска во Скопје пристигна премиерот на Р Србија, г. Ѓуро Мацут. Високата делегација од Република Србија беше свечено пречекана на Меѓународниот аеродром – Скопје од страна на владина делегација предводена од заменик-претседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, г. Иван Стоилковиќ.
Во рамки на посетата, премиерот Мацут оствари работна средба со претседателот на Владата на РС Македонија, г. Христијан Мицкоски. На средбата присуствуваа и министрите од двете влади: г. Драган Гламочиќ, министер за земјоделие, шумарство и водостопанство на Р Србија, г-ѓа Јагода Лазаревиќ, министерка за надворешна и внатрешна трговија на Р Србија, г. Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство на РС Македонија, г. Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија на РС Македонија, како и вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, г. Иван Стоилковиќ.
Средбата се одржа во конструктивна и пријателска атмосфера, при што беа разменети мислења за прашања од заемен интерес, со посебен акцент на унапредување на билатералната соработка во повеќе сектори, вклучително економијата, енергетиката, инфраструктурата, културата и образованието.
Во фокусот на разговорите беа и унапредувањето на добрососедските односи, зајакнувањето на политичкиот дијалог, како и координацијата во рамките на регионалните иницијативи и процесите на европска интеграција, каде што двете земји ја изразија подготвеноста за понатамошна соработка и поддршка.
Работниот дел од посетата продолжи со свечен ручек организиран во Клубот на пратеници, каде што разговорите помеѓу двете делегации продолжија во неформална, но срдечна и продуктивна атмосфера. Домаќин на ручекот беше вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, г. Иван Стоилковиќ.
Официјалната посета на премиерот на Република Србија, г. Ѓуро Мацут, претставува важен чекор во насока на продлабочување на традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете земји, засновани на меѓусебна почит, разбирање и заедничка заложба за стабилност, развој и просперитет на целиот регион.

Мени за пристапност