Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Димитриеска-Кочоска: Растот на БДП во четвртиот квартал од 2025 година е потврда на одговорниот пристап на Владата и позитивните економски движења

Влада на Република Северна Македонија

Објавените податоци на Државниот завод за статистика за раст на БДП во 2025 година се потврда за внимателниот и сериозен пристап при планирањето и водењето на фискалната политика, изјави денеска на прес-конференција министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која истакна дека согласно податоците реалниот раст на БДП во 2025 година достигна 3,5% што е во линија со проекциите на Министерството за финансии, а номиналниот раст е нешто повисок од очекуваниот.

„Денеска Државниот завод за статистика ги објави податоците за растот на економијата во 2025 година и тоа за Министерството за финансии и Владата е најголем показател дека политиките и во услови на  неизвесност може да се креираат и да се остваруваат резултати“, рече Димитриеска-Кочоска.

Согласно објавените податоци во четвртиот квартал од 2025 година растот на БДП изнесува 3,8% и тоа за министерката претставува потврда за позитивните економски движења во земјата и покажува континуитет во остварувањето на позитивни резултати во економијата кои веќе 6 квартали еден по друг го задржуваат ова темпо и создаваат услови за постигнување повисоки стапки на раст.

„Особено значајно е што растот се надоврзува на високиот раст од 4,3% во истиот квартал од минатата година што укажува на континуитет во остварувањата“, посочи министерката.

Споредено со земјите од регионот и од ЕУ, Македонија повторно е меѓу земјите со највисок раст (четврти), при што повисок раст е забележан само во Малта, Кипар и Полска. Доколку споредуваме со земјите од регионот, растот во Србија изнесува 2,2%, во Хрватска 3,6%, во Бугарија 3,0%, во Словенија 2,0%, итн.  

На прес-конференцијата наведе дека растот на економската активност во четвртиот квартал е на широка основа и дека силната динамика во градежништвото продолжи со раст од 14,6% и согласно расположивите податоци се должи на зголемената активност во нискоградбата која забележа реален раст од 12,5% во четвртиот квартал, а што е, како што рече, уште една потврда дека силната посветеност на Владата на реализацијата на капиталните инвестиции и оптимизацијата на нивните трошоци, динамика, и услови за градба придонесе за динамизирање на економската активност. Исто така, го истакна високиот раст од 8,1% кај стручни и научни дејности, растот од 4,4% во трговијата и транспортот 3,6% раст во преработувачката индустрија, 2,7% во дејности со недвижен имотитн.

„Она што особено охрабрува е високиот раст на извозот на стоки и услуги од 9,7% на реална основа, што упатува на понатамошно закрепнување на извозната активност започната од почетокот на годината, по намалувањето во изминатите години. Увозот од друга страна забележа раст од 3,3% со што нето-извозот имаше позитивно влијание врз економската активност. Приватната потрошувачка остана стабилна со реален раст од 2,0% подржана од растот на платите“, посочи министерката за финансии.    

Таа истакна дека македонската економија во изминатиот период е под силно влијание на случувањата надвор заради нашата голема отвореност, но тоа, како што рече,  е предизвик којшто стои пред нас  како Влада и онака како што и досега во изминатите 20 месеци покажавме како се работи на економски план, така и ќе продолжиме. Ќе  создаваме мерки и ќе креираме политики кои се во интерес на стопанството и на граѓаните, истовремено имајќи ја предвид состојбата на меѓународно ниво“, изјави министерката за финансии.

На прес-конференцијата соопшти дека буџетскиот дефицит за 2025 е во рамки на очекуваното од 4,0% од БДП, додека кај јавниот долг има намалување и согласно објавените податоци од ДЗС изнесува 59,3% од БДП.

Мени за пристапност