Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Андоновски: Сајбер нападите се реална закана, но државните системи покажаа подготвеност и отпорност

Андоновски: Сајбер нападите се реална закана, но државните системи покажаа подготвеност и отпорност

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ информираше дека изминатиот викенд државната инфраструктура била цел на сериозен и софистициран сајбер напад.

Станува збор за DDoS напад насочен кон веб-страниците на Владата, министерствата и националниот портал uslugi.gov.mk, при што преку милиони барања, распределени во подолг временски период, бил направен обид да се предизвика оптоварување и нарушување на достапноста на системите.

Министерот Андоновски истакна дека институциите навремено ја препознале заканата и реагирале координирано, поради што нападот бил ставен под контрола без да биде нарушена безбедноста на податоците.

„Напади ќе има. Мора да бидеме будни. Како НАТО членка, мора да се однесуваме со највисока сериозност кога станува збор за заштитата на дигиталната инфраструктура и податоците што се дел од државните системи“, порача министерот Андоновски.

Според извршените проверки, нема инфилтрирани, украдени или избришани податоци. Државните податоци остануваат заштитени, а нападот не успеал да ги пробие безбедносните механизми поставени за заштита на системите.

Како превентивна мерка, системот бил привремено ставен во заштитен режим околу 20 минути, со цел да се изврши проверка и скенирање на состојбата. По завршувањето на проверките, системите биле вратени во нормално функционирање.

Првичните анализи покажуваат дека нападите доаѓале претежно од надвор, преку прокси сервери, со цел прикривање на вистинските траги. Случајот е предаден во Министерството за внатрешни работи, кое ќе ја води понатамошната истрага.

Андоновски нагласи дека овој напад претставува уште една потврда дека сајбер безбедноста не е само техничко прашање, туку прашање на национална безбедност, институционална зрелост и доверба во дигиталните услуги.

„Ова беше сериозен тест за системот, но и доказ дека државата гради капацитети за брз, координиран и ефикасен одговор. Сакам да го пофалам тимот на Министерството, владиниот CIRT и сите економски оператори со кои соработуваме. Заканата беше навремено препознаена, координацијата беше брза, а системите беа вратени во нормала“, истакна Андоновски.

Министерството за дигитална трансформација продолжува со зајакнување на националните капацитети за сајбер безбедност, преку спроведување на Националната стратегија за сајбер безбедност 2025–2028, воспоставување јасна законска рамка и развој на институционални механизми за мониторинг, координација и брз одговор на инциденти.

Сајбер нападите се реалност со која се соочуваат сите модерни држави. Затоа, дигиталната трансформација мора да оди заедно со силна сајбер заштита, подготвени институции и континуирано следење на состојбите во дигиталниот простор.

Мени за пристапност