Првиот заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари средба во Брисел со комесарката за проширување, Марта Кос
Првиот заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска во Брисел оствари работна средба со европската комесарка за проширување, Марта Кос. Средбата беше фокусирана на текот на процесот на европска интеграција на земјата, реформските приоритети и актуелните предизвици во рамки на европската агенда.
Во текот на разговорите, заменик-претседателот Сали повторно потврди дека членството во Европската Унија останува стратешки приоритет на Владата, оценето како долгорочна инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на европскиот континент. Тој нагласи дека создадениот позитивен моментум треба да се искористи преку тесна и континуирана соработка со европските институции, со цел конкретно унапредување на интегративниот процес.
Во својство на министер за европски прашања, главен преговарач, национален координатор за Инструментот за реформи и раст (RGF), како и НИПАК, Сали ја истакна посветеноста за одржување на фокусот на државната администрација на реформите поврзани со ЕУ и за обезбедување континуитет на реформското темпо, во согласност со европските стандарди и најдобрите практики.
Во овој контекст, се разменија мислења за спроведувањето на Планот за раст и Реформската агенда, како и за други актуелни прашања од заеднички интерес, при што беше потенцирана важноста од континуирана координација и конструктивен дијалог со институциите на Европската Унија.