Почитувани претставници на институциите, бизнис-заедницата, меѓународните партнери, граѓанските организации, ми претставува особена чест да се обратам пред сите вас како клучни чинители во остварување на заедничката цел што нè обединува денес: формализирање на неформалната економија, а успехот на оваа цел зависи пред се од посветеноста и одлучноста на секоја институција, понатаму од координацијата, нивото на меѓусебна соработка и партнерство.
Неформалната економија e комплексен и повеќеслоен феномен со сериозни импликации врз долгорочниот економски раст и институционалната стабилност. Факт е дека неформалната економија постои секаде, но исто така е факт дека нивото на неформална економија секаде е различно. Токму тоа ниво на застапеност на неформалната економија е еден од клучните фактори што ги разликува економиите во светот. Ваквото ниво и директно влијае врз одлуките на потенцијалните инвеститори, но и врз тоа како државите меѓусебно се перципираат во однос на стабилноста, транспарентноста и конкурентноста на нивните економии. Кога се споменува неформалната економија, најчесто првата асоцијација се неформално вработените како и даночната евазија. Сепак неформалната економија е многу поширок феномен и може да се појави во различни сегменти на економската активност. Секогаш треба да имаме предвид дека светот се движи многу брзо, живееме во време на брзи промени, иновациите постојано се создаваат нови производи, услуги и деловни модели кои, доколку не бидат навремено препознаени и регулирани, создаваат правен вакум, кој неретко ние економистите го препознаваме во сивата зона, Притоа,мора да се согласиме дека одредена тромост на институционалниот систем не е само во нашата земја туку и глобално во светот, што понекогаш не дозволува одредена активност веднаш да биде интегрирана во формалната зона. Колку помалку флексибилност и опции нудат законските решенија, толку повеќе се создава простор за појава на сива економија. Затоа, модерната и адаптибилна регулатива е клучен предуслов за намалување на неформалноста и за поттикнување одржлив економски развој.
Неформалната вработеност и нерегистрираното производство директно ја намалуваат продуктивноста и конкурентноста, ги ограничуваат буџетските приходи и ја поткопуваат одржливоста на јавните финансии. Тоа значи помалку средства за здравство, образование и социјална заштита, од една страна и од друга страна создава нелојална конкуренција, неправда кон чесните компании и ја нарушува довербата во системот.
Да бидеме јасни дека нашата цел не е репресија, напротив нашата цел е формализација, правичност и создавање еднакви правила за сите. Ќе пристапиме системски и одлучно преку адресирање на нелојалната конкуренција, создавање фер и транспрентни услови за работа и обезбедување чесните компании да не бидат ставени во подредена позиција. Формализација која ќе ја поттикнеме преку поедноставени административни процедури, олеснет пристап до регистрација и јасни правила. Ќе ги охрабриме субјектите од неформалниот сектор да преминат во формалната економија преку поддршка, а не само преку санкции.
Почитувани
Иако за борбата со сивата економија можеме да најдеме планови и подготвени стратегии, сепак може да констатираме дека во изминатите периоди не постоела силна одлучност во нивна имплементација и постигнување ефекти.
Денес, Министерството за финансии е сериозно фокусирано на борбата со неформалната економија.
Најпрво тргнавме од она што значи основен документ, а тоа е Стратегијата за формализирање со неформалната економија 2023-2027 и акцискиот план за периодот 2023-2025, кој во моментот е во фаза на ревидирање со цел да поставиме јасни цели и построга, системска борба за намалување на неформалната економија.
Со ревидираниот Акциски план за 2026-2027 ќе поставивме јасна и мерлива цел намалување на неформалната економија од 28,9% на 26% од БДП до крајот на 2027 година. Ова можеби на прв поглед изгледа умерено намалување, но важно е остварување на оваа поставена цел, а во нејзиното остварување, особено е значајно активно вклучување на сите релевантни институции во имплементацијата на Стратегијата и мерките од истата. Јасна порака за соработка и активно вклучување во имплементацијата испраќаме и преку денешното потпишување на Декларацијата за партнерство и акција, со која изразуваме заедничка посветеност за формализација на неформалната економија. Таа претставува заначен чекор кон системско и координирано справување со неформалната економија и ја покажуваме заедничката посветеност на институциите, бизнис заедницата, синдикалните организации и академската заедница.
Второ клучен инструмент во оваа борба е дигитализацијата. Токму од таа причина донесовме одлука и започнавме со имплементација на системот е фактура. На овој начин ќе постигнеме поголема евиденција на целиот промет во државата преку централизиран систем без кој фактурите нема да бидат валидни. Овој систем не е само крајна цел – тој е основа која ќе ја надградуваме со цел еден ден да стигнеме до фаза на пред пополнета ДДВ пријава. На овој начин ќе се намалат обврските на сите компании, ќе се олесни работењето и ќе постигнеме поголема продуктивност.
Исто така во периодот кој што следи УЈП целосно ќе се дигитализира со што после осамостојувањето ова ќе биде прв пат да може со внесување на даночен или матичен број на даночен обврзник да се добијат сите потребни информации за него. На тој начин досегашниот систем кој не е централизиран ќе се промени со што ќе се постигне и поголема ефикасност во работењето на УЈП.
Воедно, работиме на зајакнување на даночниот морал и применуваме нулта толеранција за организирана даночна евазија. Во последната година сведоци сте на сите активности кои ги превзема УЈП во информирање на сите даночни обврзници навремено да ги пријавуваат своите обврски преку постојано известување преку социјалните мрежи но и потсетување за нивно плаќање.
Трето, и од особено значење, е што во Министерството за финансии активно работиме на сеопфатно усогласување на законската рамка, не само со законодавството на ЕУ туку и прецизирање на законските одредби кои не се јасни до крај, а кои со години биле занемарувани и непрецизни. Таквите недоречености создаваат правна несигурност кај даночните обврзници и можат да придонесат дел од економските активности да се одвиваат надвор од формалните текови. Воедно, ги адресираме и препораките што подолг период беа посочувани од меѓународните финансиски институции, а се однесуваат на потребата од систематско утврдување и анализа на даночните ослободувања.. Дел од нив се недоволно прецизирани и создаваат значителни даночни трошоци. Важно е да се направи јасна дистинкција: даночните ослободувања сами по себе не претставуваат неформална економија. Сепак, кога тие не се доволно јасно дефинирани и транспарентни, можат да отворат простор за злоупотреби и даночна евазија.
Затоа нашата определба е јасна – јасна и прецизна регулатива, правна сигурност и еднакви правила за сите.
Едно од нашите клучни предизборни ветувања беше и останува задржувањето на постојните даночни стапки, со цел да обезбедиме стабилност и предвидливост за бизнис-заедницата. Свесни сме дека високите даноци и давачки создаваат дополнителен товар, а кога државата има високи даночни стапки, дел од граѓаните и фирмите се обидуваат да ги избегнат обврските, што директно ја поттикнува неформалната економија. Затоа фискалната консолидација ја спроведуваме одговорно, без зголемување на даночниот притисок. На овој начин ја враќаме довербата во институциите која е клучна за намалување на неформалната економија.
Работиме и на поедноставување на административните процедури, бидејќи знаеме дека сложената бирократија и долгите постапки ги одвраќаат граѓаните и компаниите од формално работење.
Истовремено, ја зајакнуваме инспекциската контрола и системот на санкции, затоа што кога нема ефективен надзор и ризикот од откривање е мал, се создава се поголем простор за зголемување на нивото на неформалната економија. Но, нашата цел не е само да казнуваме, туку да обезбедиме сигурност и фер услови за приватниот сектор, па затоа во Министерството за финансии веќе се отпочнати активности за враќање на постапката по жалба против даночните и царинските управни акти, како механизам за независна и објективна проверка на примената на даночната и царинската регулатива во конкретни постапки. Преку овој механизам ќе обезбедиме поголема сигурност на компаниите и ќе се даде поголема предвидливост, оневозможување субјективизам во одлучувањето на даночните и царинските инспектори и намалување на споровите кои завршуваат во судски постапки, а со тоа ќе обезбедиме поголеми инвестиции, продуктивност и повисок животен стандард.
Еден од важните документи на кои работиме, со поддршка на UNDP, е и Стратегијата за намалување на готовина во оптек. Целта е постепено намалување на плаќањата во готово, што ќе придонесе кон поголема формализација на економијата, зголемена транспарентност и поефикасна борба против сивата економија.Особено значајна е заштитата на работниците. Формализацијата значи пристап до пензиско, здравствено и социјално осигурување. Значи сигурност и достоинствена работа.
Со ваков балансиран пристап – стабилни даноци и јавни давачки, поедноставени процедури, ефикасна и правична контрола и поголема правна сигурност – ја зајакнуваме довербата во институциите и создаваме основа за одржлив и инклузивен економски раст.
Почитувани
Борбата против сивата економија е борба за праведно општество, за стабилни јавни финансии и за економија во која трудот и чесноста се вреднуваат. Ова не е борба само на државата, туку заедничка борба на институциите, бизнисот и граѓаните, затоа што бенефит од тоа имаат сите. Затоа сакам да потенцирам на крајот дека ова не е само декларативна заложба, не е краткорочна кампања, туку долгорочна реформа во која особено ќе ја поддржуваме рамноправноста пред законите и создавање еднкави можности за сите. Воедно сакам да се заблагодарам до нашите меѓународни партнери УНДП, невладиниот сектор и академската заедница, во поддршката и имплементацијата на оваа реформа.