Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Дурмиши: Со системски мерки и партнерство ја намалуваме неформалната економија и го јакнеме формалниот сектор

Дурмиши: Со системски мерки и партнерство ја намалуваме неформалната економија и го јакнеме формалниот сектор

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска се обрати на конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, посветена на системските мерки и заедничките политики за намалување на сивата економија и јакнење на формалниот сектор.

Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека неформалната економија е сложен и долгорочен предизвик кој ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државата. Тој нагласи дека за дел од граѓаните непријавената работа не е избор, туку нужност, што бара одговор преку креирање пристојни и стабилни работни места.

„Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија“, потенцираше министерот.

Министерството за економија и труд годинава обезбеди 40 милиони евра за новиот Оперативен план за вработување, со мерки насочени кон формализација на работата и отворање нови работни места. Дополнително, донесен е Законот за работно ангажирање на лица, чија цел е формализирање на одредени форми на работа и прилагодување на законската рамка на реалните потреби на пазарот на трудот.

Од 1 јануари 2026 година започнува и примената на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со кој се стимулираат компании што инвестираат, отвораат нови работни места и остваруваат раст. Според министерот, комбинацијата од активни мерки и законски решенија значи истовремено сузбивање на сивата економија и силна поддршка на формалниот сектор.

Во своето излагање, министерот Дурмиши ја нагласи и важноста на зелената агенда, дигитализацијата и воведувањето современи технологии, кои ќе овозможат подобра евиденција и регулирање на новите и нестандардни форми на вработување.

На конференцијата беше потпишана и „Декларација за партнерство и акција: Заедничка посветеност за формализација на неформалната економија во Северна Македонија“, со што институциите, бизнис-заедницата, синдикатите и академската јавност ја потврдија заедничката заложба за координирано делување.

„Борбата против сивата економија е борба за подобра иднина. Можеби не можеме целосно да ја искорениме, но можеме постојано да ја намалуваме. Со заеднички напори можеме да изградиме пофер, поодржлива и попросперитетна држава“, порача министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Мени за пристапност