Скопје, 16 април 2026 година
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска во просториите на Министерството оствари протоколарна средба со Н.Е. амбасадорката на Република Грција, г-ѓа Софија Филипиду.
На средбата беа разменети мислења за унапредување на билатералната соработка, со посебен акцент на реформите и модернизацијата на јавната администрација.
Соговорниците се осврнаа на можностите за продлабочување на партнерството преку размена на искуства и добри практики, како и преку користење на европските програми за поддршка на институционалниот развој.
Посебно внимание беше посветено на воспоставувањето и развојот на Академијата за јавна администрација, како значаен сегмент во градењето професионална, ефикасна и департизирана јавна служба. Во тој контекст, беше изразена подготвеност за соработка и размена на експертиза во делот на обуките, стручното усовршување и развојот на административните капацитети.
Министерот Минчев ја истакна важноста од континуирана соработка со Република Грција како сосед и партнер, нагласувајќи дека ваквите средби придонесуваат за зајакнување на меѓусебната доверба и за унапредување на реформските процеси во јавниот сектор.
Министерството за јавна администрација ќе продолжи активно да ја унапредува меѓународната соработка и да вложува во јакнење на институционалните капацитети, со цел обезбедување поквалитетни, поефикасни и подостапни услуги за граѓаните.