Потпретседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, г. Иван Стоилковиќ, денес оствари работна средба со делегација од Амбасадата на НР Кина во Скопје, предводена од новоименуваната амбасадорка, г-ѓа Џанг Сиаојан.
Средбата се одржа во конструктивна атмосфера, при што двете страни изразија задоволство од континуитетот и квалитетот на билатералните односи. Амбасадорката Сјаојен го реафирмираше принципиелниот став на Народна Република Кина за почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Северна Македонија.
Во рамки на разговорите беше потенцирано дека односите меѓу двете држави се карактеризираат со долгогодишно меѓусебно разбирање, почитување и поддршка, како и дека постои солидна основа за нивно натамошно унапредување.
„Предизвиците не се мали, ниту ограничувањата, но нема да се откажам од тој прозорец на соработка со Кина. Треба пречките да ги надминуваме, а расположението да го преточиме во соработка“, истакна потпретседателот и министер Стоилковиќ и осврнувајќи се на трговската размена меѓу двете земји додаде: „Имаме размена која е диспропорционална, затоа бараме трговска преференција за македонските производи. Ова се ситни чекори кои мораат да почнат да се реализираат и работите да се туркаат напред.“
Амбасадорката изрази подготвеност да придонесе кон продлабочување на соработката во областите од заеднички интерес, со цел дополнително јакнење на партнерските врски, со фокус на визниот режим за кинеските граѓани и акцент на туризмот за што најави средба со тамошните туроператори.
На крајот од средбата, соговорниците ја истакнаа важноста од одржување редовен и интензивиран дијалог како предуслов за понатамошен напредок во билатералните односи. Двете страни изразија подготвеност за продолжување на досегашната успешна соработка, како и за иницирање нови проекти и активности кои ќе придонесат за создавање уште посилни и поодржливи врски меѓу РС Македонија и НР Кина.