Потпретседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, г. Иван Стоилковиќ, денес оствари работна средба со министерот за човекови и малцински права и општествен дијалог на Р Србија, г. Демо Бериша, при што беше изразена заедничка определба за продлабочување на меѓусебната соработка и унапредување на институционалниот дијалог меѓу двете земји.
Во текот на средбата соговорниците разменија искуства и добри практики во креирањето и спроведувањето на јавни политики насочени кон заштита и унапредување на правата на заедниците, со посебен акцент на инклузијата, еднаквите можности и општествената кохезија. Беше истакната и потребата од интензивирање на соработката меѓу надлежните институции, како и од воспоставување поцврсти механизми за размена на информации и експертска поддршка.
Соговорниците ја потенцираа и улогата на регионалната соработка како клучен фактор за стабилност, развој и заемна доверба, при што изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на билатералните односи преку редовна комуникација и конкретни заеднички активности.
Средбата беше оценета како конструктивна и значајна, со јасна заедничка визија за унапредување на партнерството меѓу РС Македонија и Р Србија во духот на добрососедство и меѓусебно почитување.