Владата го усвои Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025–2030 – стратешки документ што ја поставува државата на јасна патека кон енергетска трансформација, одржлив развој и целосно усогласување со европските политики.
Планот, изработен по предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, претставува клучен инструмент за модернизација на енергетскиот сектор и исполнување на обврските од Енергетската заедница и европската регулатива.
Со вкупно 61 конкретна мерка, Планот опфаќа:
· 26 мерки за декарбонизација,
· 20 за енергетска ефикасност,
· 3 за енергетска безбедност,
· 11 за внатрешен пазар на енергија и
· 1 за истражување, иновации и конкурентност.
Фокусот е јасен – намалување на емисиите на стакленички гасови, зголемување на обновливите извори на енергија и значително подобрување на енергетската ефикасност.
Во наредниот период, државата ќе преземе конкретни чекори за: засилени инвестиции во сончева, ветерна и хидроенергија, воведување систем за цена на јаглерод, согласно европските стандарди, развој на складирање на енергија и модерна енергетска инфраструктура, постепено напуштање на јагленот како енергенс.
Паралелно, се зајакнува енергетската безбедност преку диверзификација на изворите, регионална соработка и нови интерконекции, како и понатамошна либерализација и интеграција на пазарот на електрична енергија.
Планот е резултат на широк и транспарентен процес во кој учествуваа институции, експерти, академската заедница, приватниот сектор и меѓународни партнери. Во неговата подготовка се вградени и препораките на Секретаријатот на Енергетската заедница, како и најновите европски политики.
За документот е спроведена и Стратегиска оцена на влијанието врз животната средина, која ги анализира ефектите врз воздухот, водите, почвата, биодиверзитетот, климатските промени и здравјето на граѓаните. Извештајот е прифатен од надлежните институции, по спроведени јавни расправи и консултации, вклучително и со соседните држави.
Со имплементацијата на Планот се очекува значително подобрување на квалитетот на животната средина, поголема енергетска стабилност и независност, нов инвестициски циклус во енергетиката, забрзана зелена транзиција и економски развој.
Овој документ е јасна визија за енергетската иднина на државата, во која одржливоста, иновациите и европските стандарди стануваат реалност.