Mинистерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска го претстави напредокот во реализацијата на клучни проекти од областа на животната средина, пред членовите на мониторинг мисијата на WBIF (Инвестициската рамка за Западен Балкан).
Во секторот води, министерот ја истакна изградбата на Пречистителната станица за отпадни води во Скопје, како најголем еколошки инфраструктурен проект во државата, поддржан од Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и WBIF. Тој посочи и на успешно завршените станици во повеќе градови, тековните градежни активности во Битола и Тетово, како и подготовката на нови проекти.
Во делот на управување со отпад, министерот го нагласи напредокот во воспоставување на регионален систем, поддржан од EBRD, WBIF и IPA фондовите, кој ќе овозможи современ третман на отпад, зголемено рециклирање и компостирање, намалување на депонирањето и зајакната меѓуопштинска соработка.
Паралелно, се работи на зајакнување на институционалните капацитети за реализација на проектите како и на редовна координација со сите партнери. На крај, Хоџа истакна дека Министерството останува целосно посветено на навремена и успешна реализација на проектите, во интерес на сите граѓани.