Заменик-претседателот на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром.
На средбата беше повторно потврдено одличното партнерство меѓу двете земји, како и континуираната поддршка на Шведска за европскиот пат на Република Северна Македонија. Беше нагласена и важноста од зачувување на позитивниот моментум во политиката на проширување на Европската Унија.
Министерот Сали истакна дека европската интеграција останува еден од клучните приоритети на Владата, со посебен фокус на спроведувањето на реформите во клучните области, особено владеењето на правото и модернизацијата на јавната администрација.
Соговорниците разговараа и за процесот на пристапување кон ЕУ, последните случувања во рамки на Реформската агенда и Планот за раст за Западен Балкан, како и за значењето на регионалната соработка како столб на напредокот кон Заедничкиот регионален пазар и постепената интеграција во Единствениот пазар на ЕУ.
Беше истакнат значајниот придонес на Шведска во Западен Балкан преку реформската соработка за периодот 2021–2027 година, со фокус на демократијата, човековите права, владеењето на правото, родовата еднаквост, одржливиот еколошки и економски развој, како и изградбата на мирни и инклузивни општества.
На крајот, министерот Сали му се заблагодари на амбасадорот Солстром за континуираната поддршка на Шведска и ја изрази подготвеноста за натамошно продлабочување на билатералната соработка и понатамошна координација во рамки на европската перспектива на државата.