Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Завршено уредувањето на коритото на Мала Рада: Нов, модерен и безбеден јавен простор за граѓаните на Кисела Вода

Завршено уредувањето на коритото на Мала Рада: Нов, модерен и безбеден јавен простор за граѓаните на Кисела Вода
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, заедно со претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, и градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денеска присуствуваа на настанот по повод успешното завршување на проектот за уредување на речното корито на водотекот Мала Рада во општина Кисела Вода.
 
Во своето обраќање, претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, истакна дека овој проект е уште еден пример за посветеноста на Владата кон рамномерен локален и регионален развој, преку директна поддршка на општините и реализација на проекти што носат конкретна и видлива корист за граѓаните. Тој нагласи дека Владата ќе продолжи да поддржува инфраструктурни зафати што создаваат подобри услови за живот, поголема безбедност и поквалитетна урбана средина во општините.
 
Проектот беше реализиран во две фази, со што се овозможи планско, континуирано и целосно уредување на овој потег од водотекот Мала Рада, во должина од околу 2,5 km. Со неговата реализација, просторот доби целосно нов, уреден и функционален лик: изведено е бетонско дно на коритото, изградена е пешачка патека со современо осветлување по целата нејзина должина, довршен е венецот на потпорните ѕидови и поставена е урбана опрема за дополнително уредување и оплеменување на просторот.
Проектот е целосно финансиран од Министерството за животна средина и просторно планирање, преку финансирањето инфраструктурни проекти од Потпрограмата АА, во износ од 57. 821. 286,2 денари.
 
Во своето обраќање, заменик министерката Лашкоска истакна дека ваквите проекти имаат директна и видлива корист за граѓаните, бидејќи истовремено придонесуваат за подобра заштита на животната средина, поголема безбедност и поквалитетен јавен простор.
„Овој проект покажува дека инвестициите во животната средина не се само инфраструктурни зафати, туку вложување во безбедноста, здравјето и секојдневниот квалитет на живот на граѓаните. Со уредувањето на коритото на Мала Рада, создаваме простор кој ќе биде функционален, безбеден и достапен за сите генерации“, истакна Лашкоска.
 
Таа додаде дека МЖСПП ќе продолжи да ги поддржува општините во реализација на проекти што решаваат конкретни локални потреби и носат трајна вредност за граѓаните.
„Нашата цел е преку партнерство со локалната самоуправа да градиме одржлива и модерна инфраструктура, која ќе ја заштитува животната средина, ќе ја зголемува отпорноста на населените места и ќе создава подобри услови за живот во секој дел од државата“, порача заменик министерката Лашкоска.
 
Со уредувањето на просторот се создава модерен, безбеден и функционален јавен простор наменет за рекреација, дружење и секојдневен престој на граѓаните од сите генерации. Проектот претставува пример за тоа како со координирана соработка меѓу централната и локалната власт може да се реализираат конкретни решенија што ја подобруваат урбаната средина и секојдневниот живот на локалната заедница.
 
Министерството за животна средина и просторно планирање останува посветено на поддршката на општините преку проекти кои обезбедуваат подобра инфраструктура, поголема безбедност, заштита на животната средина и поквалитетен живот за сите граѓани.

Мени за пристапност