Институција која огласува: Влада на Република Северна Македонија
Рок на пријавување: 11/09/2026
Врз основа на член 17 став (1) и член 17- а став (1) од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/96, 6/2002, 40/03, 49/06, 22/07, 83/09, 97/10, 6/12, 119/13, 41/14, 138/14, 25/15, 61/15, 39/16, 64/18, 35/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.275/19, 89/22, 274/22, 208/24, 193/25 и 96/26) и Правилникот за формата и содржината на јавниот повик за пројавување на интерес за пријавување на кандидати за избор на член на управен и надзорен одбор на јавно претпријатие, начинот на поднесување на пријавата, обрасците за пријавување и начинот на бодување и селекција на кандидатите („Службен весник на Република Северна Македонија“бр.213/2024), Владата на Република Северна Македонија објавува:
ЈАВЕН ПОВИК бр. 08/2026
за пројавување на интерес за пријавување на кандидати за избор на 1 (еден) член на Управниот одбор на Јавното претпријатие за извршување на водостопански дејности ХС „Злетовица'' – Пробиштип
1. Владата на Република Северна Македонија на предлог на генералниот секретар на Владата, на веб страницата на Владата https://vlada.mk и на веб страницата на Јавното претпријатие за извршување на водостопански дејности ХС „Злетовица'' – Пробиштип www.hszletovica.com.mk , објавува Јавен повик за пројавување на интерес за пријавување на кандидати за избор 1 (еден) член на Управниот одбор на Јавното претпријатие за извршување на водостопански дејности ХС „Злетовица'' – Пробиштип, со седиште на ул. Цветко Тонев бр. 3А, 2210 Пробиштип.
2. За член на управниот одбор на Јавното претпријатие за извршување на водостопански дејности ХС „Злетовица'' – Пробиштип Скопје, може да биде именувано лице кое ги исполнува следните услови:
- Да е државјанин на Република Северна Македонија,
- Во моментот на именувањето со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност,
- Да има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен високо образование и
- Да има најмалку пет години работно искуство.
3. Со пријавата заинтересираните кандидати задолжително треба да ја достават следната документација:
- Образец за пријавување - преземи тука,
- Кратка биографија,
- Уверение за државјанство на Република Северна Македонија,
- Доказ дека во моментот на именувањето со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност,
- Уверение или диплома за завршено високо образование и стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен образование,
- Доказ дека има најмалку пет години работно искуство и
- Сертификати, лиценци, уверенија, дипломи издадени од овластени, односно акредитирани институции за нивно издавање согласно закон за бараната позиција.
4. Документите од точка 3 треба да бидат поднесени во оригинал или копија заверена на нотар и истите се доставуваат до архивата на Владата на Република Северна Македонија или по пошта на адреса: Влада на Република Северна Македонија бул.„Илинден“ бр.2, 1000 Скопје со назнака: „За Јавен повик за пројавување на интерес за пријавување на кандидати за избор на 1 (еден) член на Управниот одбор на ЈП за извршување на водостопански дејности ХС „Злетовица'' – Пробиштип.
5. Членовите на Управниот одбор на јавното претпријатие ги именува, односно разрешува основачот на јавното претпријатие - Владата на Република Северна Македонија, со мандат до истекот на мандатот на постојниот состав.
6. При именувањето на член на Управниот одбор ќе се има во предвид соодветната застапеност на припадниците на заедниците.
7. Член на управниот одбор на јавното претпријатие не може да има лично, преку трето лице или по било која основа, интереси во претпријатие или трговско друштво кое е во деловни односи со јавното претпријатие, кои можат да имаат било какво влијание на неговата независност и непристрасност во одлучувањето во јавното претпријатие. Секој член на управниот одбор, односно директорот на јавното претпријатие, се должни да го предупредат основачот на постоењето на ваков интерес кај еден или повеќе членови на Управниот одбор.
8. Неспојливи се функцијата претседател и член на управниот одбор на јавното претпријатие со функциите претседател и членови на Владата на Република Северна Македонија.
9. Рок за пријавување на заинтересираните кандидати е 5 дена, сметано од денот на објавување на јавниот повик.
10. Повикот ќе биде објавен на веб страницата на Владата на Република Северна Македонија и на веб страницата на јавното претпријатие.
11. Краен датум за пријавување е 11.9.2026 година.
12. Непополнета пријава како и некомплетната документација и документацијата доставена по истек на рокот за аплицирање нема да биде разгледувана.