Агон Ферати
Министер во Влада на Република Северна Македонија
Министер во Влада на Република Северна Македонија
Агон Ферати е Министер за односи меѓу заедниците во Република Северна Македонија.
Дипломирал на Економскиот факултет, насока Бизнис администрација, на Универзитетот на Југоисточна Европа, додека магистерските студии по Бизнис администрација ги завршил на истиот универзитет. Во 2023 година завршил програма за специјализација на Универзитетот во Лунд, Шведска, од областа на ко-дизајнирање на одржливи, отпорни и инклузивни јавни простори и услуги.
Професионалната кариера ја градел во јавната администрација и во областа на локалниот економски развој, управување со проекти финансирани од Европската Унија, развој на јавни политики и меѓународна соработка. Од 2012 година ја извршувал функцијата Советник за управување со проекти финансирани од Европската Унија во Одделението за локален економски развој во Општина Тетово, каде што раководел и координирал значајни проекти финансирани од Европската Унија и меѓународни донатори.
За време на неговиот професионален ангажман бил вклучен во изготвување и имплементација на проекти во рамките на програмите URBACT, INTERREG, IPA и EU4Municipalities, со фокус на одржлив развој, зајакнување на институционалните капацитети, дигитална трансформација на локалната администрација, урбана регенерација, граѓанска инклузија и меѓуопштинска и меѓународна соработка. Исто така, служел како експерт за Поглавје 8 – Политика на конкуренција во проектот на UNOPS (AUMCO), придонесувајќи за анализа на политиките и усогласување на законодавството на Република Северна Македонија со стандардите на Европската Унија.
Во текот на неговата кариера учествувал во престижни меѓународни програми за професионален развој, вклучувајќи и Програмата за размена на Владата на Соединетите Американски Држави (ACYPL), програмите на Институтот „Роберт Шуман“ (Robert Schuman) и други европски иницијативи од областа на доброто владеење, локалниот развој и европската интеграција.
Во својство на Министер за односи меѓу заедниците, тој е посветен на зајакнување на дијалогот меѓу заедниците, унапредување на еднаквоста и почитувањето на правата на сите заедници, промовирање на доверба и соживот, како и на развој на инклузивни политики кои придонесуваат за социјална кохезија и европска интеграција на Република Северна Македонија.
Течно зборува албански, македонски и англиски јазик, а поседува и основни познавања од шпанскиот јазик.