Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во вечерашното интервју во „Тема на денот“ во дневникот на ТВ Сител вели дека Владата има мандат од граѓаните за 4 години, но доколку опозицијата побара предвремени парламентарни избори, тогаш е спремен да свика лидерска средба, да договори термин и повторно да ги победи СДСМ.
„Мојот став и ставот на оваа Влада е познат во јавноста, а тоа е дека ние добивме мандат од граѓаните за 4 години и мандатот завршува во пролетта 2028 година. Сѐ уште имаме техничка влада, што значи дека крајот на мандатот на оваа политичка влада би требало да биде некаде околу крајот на 2027 година. Што може да нѐ предомисли? Логично е опозицијата да сака да биде влада. Зошто? Затоа што мисли дека е подобра од оваа Влада. Ако опозицијата побара предвремени парламентарни избори, тогаш ние секогаш како Влада сме договорени да седнеме на една лидерска средба, да договориме термин и да одиме на предвремени парламентарни избори. Нема да бегаме, се разбира. Затоа јас велам — нашиот мандат е за 4 години и за толку сме добиле поддршка од граѓаните да испорачаме реформи. Но, доколку имаме фрлена ракавица од страна на опозицијата, нормално е, нема да бегаме кукавички од избори — напротив, ние сме подготвени во секое време да излеземе и да ги победиме“, дециден е Мицкоски.