„Генерално е сè кажано, јас немам што да додадам во делот на техничките карактеристики. Во делот на финансирањето – бидејќи Бен го спомна, а и некои опозициски политичари го спомнаа губењето на грантот од 60 милиони евра – би сакал исто така да појаснам дека тоа е резултат на овие две години напорна работа. Овие две години го искристализираа, го оптимизираа и го направија појасен овој проект.
Во која смисла? Онака како што беше пред две години, овој проект подразбираше дека треба да завршиме на половина тунел, без да имаме јасна определба од страна на нашиот источен сосед дека ќе има модернизација на секцијата којашто ја поврзува нивната граница со нас и Софија, вклучително и другата половина на тунелот.
Да, требаше време. Требаше да се постигне напредок во разговорите со нашиот источен сосед, тој напредок се постигна, се потпишаа договори, имаме обврска (заложба) од двете страни и имаме тунел којшто е практично трет дел од проектот. Бидејќи, ако третата секција завршува до почетокот на тунелот, од завршувањето на тунелот до поврзувањето со националната железница во Софија имаме заложба од страна на нашиот источен сосед за јасна модернизација на тој дел од Коридорот 8 и имаме заеднички проект – тоа е тунелот којшто очекуваме да биде целосно финансиран како грант од страна на Европската комисија.
Тоа не беше така во јуни 2024 година. Требаше да потрошиме повеќе од половина милијарда евра, а можеби и повеќе, а да завршиме на половина тунел во средина на ништо. Сега е сосема појасна состојбата, сега имаме целина којашто ќе ги поврзе двете држави и којашто ќе значи додадена вредност за двете земји. Како што рековте, тоа е дел од приоритетите на НАТО, но и од економските приоритети на двете држави.
Јас ќе кажам две работи коишто мислам дека се важни: бев тинејџер кога првпат се спомнуваше источниот дел од Коридорот 8. Денеска сум претседател на Владата и со задоволство можам да кажам дека источниот дел од Коридорот 8 конечно ќе биде завршен. Ако тогаш сум бил тинејџер, а сега имам свои 48 години, тоа значи дека повеќе од 30 години чекавме тоа што некогаш некој ни го најавуваше конечно оваа Влада да го затвори како проект и како финансиска конструкција благодарение на политиките коишто ги води, но и со огромна поддршка од нашите партнери од европските финансиски институции како што се ЕИБ и ЕБОР. И се разбира, тука е Инвестициската рамка за Западен Балкан на Европската комисија, односно грантот којшто ќе биде доделен во вредност од 169 милиони евра, и дополнително на тоа двата дела коишто ќе ги финансираат овие две финансиски институции.
Втората работа којашто ја кажав на самиот почеток од ова мое обраќање е тоа што овој проект нема да заврши на половина тунел, во слепа улица. Сега имаме целина и тоа е многу важно. Затоа што кога градите нешто, тоа треба да биде функционално – не е само да направите „тик-бокс“ и да кажете: „Добро е, го почнавме ова, направивме прес-конференција, се обративме, ги потрошивме парите“. Тие пари некој треба да ги враќа, а ќе ги враќаат во најголема мерка граѓаните на земјава. Ако веќе нешто враќаат, треба да имаме јасна целина којашто ќе носи приход. Сега веќе, вака како што е формиран и оптимизиран проектот, можеме да кажеме дека ќе биде додадена вредност за македонската економија.
Како Влада продолжуваме да го заокружуваме процесот на Коридорот 8. Во делот од реформската агенда можам да кажам дека делот од Скопје до Гостивар, преку Јегуновце и Тетово, ќе биде опфатен во делот на финансирањето – тука мислам на модернизација и на електрификација. Претставникот од Европската инвестициска банка спомна и за делот од Коридорот 8 којшто треба да ги поврзе Гостивар – Кичево – Струга – границата со Албанија, но тука мораме да бидеме внимателни со препораките коишто ги даде УНЕСКО. Затоа ние обезбедивме 3 + 2 години, за да не се доведеме во ситуација некои идни влади повторно да го имаат тој проблем како што ние го имавме како наследство од претходните влади. Така што, кога повлекуваме линии на хартија, треба многу внимателно да внимаваме како тие линии во пракса ќе имаат влијание врз еко-средината, но и врз животите на граѓаните. Нас ни е значајно Охридско-струшкиот Регион да остане природно и културно светско наследство коешто ќе биде заштитено од страна на УНЕСКО, а мислам дека и на сите овде присутни тоа им е значајно.
Така што, да заокружам: исклучително сум среќен и задоволен што денеска присуствуваме на овој посебен настан. Би сакал да им се заблагодарам на колегите од Владата, на потпретседателот и министер за транспорт, на министерката за финансии, на директорот на ЈП МЖ Инфраструктура, на нашите партнери од европските финансиски институции и на Европската Унија за поддршката. Ова е уште еден доказ дека кога се работи посветено и заедно, нешто што изгледа тешко или невозможно станува реалност и возможно.
За волја на вистината, сега следи потешкиот дел. Како што кажаа дел од говорниците денеска, изградбата на овие дваесетина километри од аспект на инженерски потфат е навистина предизвикувачка. Тука веќе не зборувам како претседател на Владата, туку како инженер, но убеден сум во капацитетите коишто ги поседува македонската градежна оператива. Очекувам дека таа ќе даде голем придонес во реализацијата на овој проект, добро ќе се организира и ќе може да учествува на тендерот којшто очекувам да заврши во текот на оваа година, а самата градба да започне уште оваа година. Со тоа ќе имаме и позитивни импликации врз градежништвото, коешто понатаму учествува во БДП на земјата.
Толку од мене и ви благодарам. Исто така, им благодарам и на претставниците на медиумите коишто се денес со нас.“