Добар ден и од мене.
Денеска сме во Штип за многу убави работи. Првата беше официјалниот почеток на инсталирањето на ветерниот парк — инвестиција која, кога ќе биде заокружена во трите фази (а очекувам третата фаза да започне на почетокот од следната година), ќе биде во вредност од над половина милијарда американски долари. Како што слушнавте и на самиот настан од инвеститорот, тоа не е прв и последен проект, туку ќе следат и други проекти во коишто тие се заинтересирани да инвестираат.
Понатаму, ова е вториот проект којшто денеска официјално го пуштаме во употреба. Тоа е овој спортски центар, оваа спортска сала којашто ќе биде дом — убеден сум — на многу македонски репрезентативци, на многу деца коишто ќе прераснат во идни македонски репрезентативци. Нешто што му требаше на градот. Овој проект го започнавме уште на почетокот од мандатот на оваа Влада и еве конечно го завршуваме, го ставаме во функција.
И она коешто, би рекол, како страничен настан, но не помалку важен, беше потпишувањето на спонзорството помеѓу компанијата „Алказар Енерџи Партнерс“ и Кошаркарскиот клуб од Штип. Така што, кога постои синергија помеѓу бизнисот, локалната заедница, граѓаните и општината, се создаваат убави дела.
Така што еве, можам уште еднаш да кажам дека сум пресреќен што денеска во Штип присуствував на овие настани, а на штипјани, на младите штипјани, на спортистите коишто се од овој град им посакувам многу спортски успеси, многу победи да постигнуваат во овој спортски објект, а ние како Влада продолжуваме и во иднина да се посветиме на она коешто значи испорака кон граѓаните.
Оние коишто знаат само да измислуваат и лажно да клеветат, ќе продолжат. Но она коешто останува е она коешто граѓаните денеска можат јасно да го видат — промена од една руина во еден репрезентативен, би рекол европски спортски објект.
Ви благодарам.