„Почитувани присутни,
Почитувани професори,
Драги студенти,
Почитувани министри,
Денес поставуваме темел на нешто што е многу повеќе од градежен проект.
Денес поставуваме темел на иднината.
Со започнувањето на изградбата на новиот, модерен кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, ја потврдуваме нашата цврста определба – да инвестираме во знаење, во младите и во развојот на високото образование.
Овој проект претставува стратешка инвестиција во иднината на државата. Инвестиција која ќе создаде современи услови за образование, научна работа и академски развој.
Владата донесе одлука со која се обезбедени вкупно 42 милиони евра за реализација на овој значаен проект.
Од нив, 40 милиони евра се наменети за изградба на објектите, а околу 2 милиони евра за надзор на градбата, со цел целиот процес да се реализира професионално, квалитетно и транспарентно.
Новиот кампус ќе се гради на површина од 31 илјади метри квадратни, и ќе претставува современ академски комплекс, со модерни објекти, амфитеатри, студентски простори, спортски сали, базен и инфраструктура која ќе одговара на потребите на современото високо образование.
Но оваа инвестиција е дел од една поширока слика – сликата на образованието што го градиме.
Нашата визија е јасна: образованието мора да биде темел на развојот на државата. Нема силна економија без силни универзитети. Нема модерна држава без образовани и мотивирани млади луѓе.
Затоа паралелно инвестираме во модернизација на училиштата, во подобрување на условите за работа на наставниците и професорите, во нови образовни програми, во дигитализација на наставата и во поврзување на образованието со потребите на современата економија.
Нашата цел е јасна – младите луѓе да имаат можност да студираат, да се развиваат и да ја градат својата кариера тука, во својата држава.
Универзитетите мора да бидат центри на знаење, истражување и иновации. Места каде што се создаваат идеи, каде што се развиваат нови технологии и каде што се подготвуваат генерации кои ќе ја водат државата напред.
Универзитетот „Мајка Тереза“ е важен дел од таа академска мрежа. Со овој нов кампус му даваме можност да се развива уште посилно и да стане современ образовен центар кој ќе им служи на студентите, на академската заедница и на целото општество.
Ова нема да биде само место за предавања и испити.
Ова ќе биде простор каде ќе се создава знаење, каде ќе се раѓаат идеи, каде младите луѓе ќе ја градат својата иднина.
Затоа што вистинската сила на една држава не се мери само со бројки и инфраструктура.
Се мери со знаењето, со образованието и со потенцијалот на нејзините млади.
Денес не започнуваме само изградба на објекти.
Денес започнуваме изградба на иднина.
И затоа сум уверен дека овој кампус ќе стане место каде ќе се создаваат нови научници, инженери, професори, лидери и визионери.
Нека ни е со среќа почетокот на овој голем проект.
Нека е со среќа новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“.
Благодарам.“