Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Мицкоски: Европската комисија потврди -нема назадување, туку напредок, овој извештај е подобар од ланскиот

Мицкоски: Европската комисија потврди -нема назадување, туку напредок, овој извештај е подобар од ланскиот
Почитуван амбасадоре Рокас,
 
Почитувани претставници на медиумите,
 
Почитувани граѓани,
 
Европската комисија го објави годишниот извештај за напредокот во процесот на европските интеграции.
 
Најнапред, сакам да ѝ се заблагодарам на Европската комисија за посветеноста и за континуираната поддршка на нашите реформски напори.
 
Му благодарам и на амбасадорот Рокас за конструктивната соработка и отворениот дијалог што го имаме во сите прашања поврзани со европската иднина.
 
Имаме подобар извештај од минатата година. 
 
Европската комисија констатира значителен напредок во спроведувањето на нашата Реформска агенда и нè вбројува меѓу земјите со најдобри резултати во рамките на европскиот Инструмент за реформи и раст.
 
Во годинешниот извештај нема ниту една оценка за назадување. Напротив!
 
Во две преговарачки поглавја е зголемено нивото на подготвеност за членство во Европската Унија, односно во дигиталната трансформација и медиумите, како и во образованието и културата.
 
Минатата година такво подобрување беше забележано во едно поглавје.
 
Овие оценки се поткрепени со конкретни резултати.
 
До јуни оваа година, Европската комисија ослободила 142,1 милиони евра во рамките на Реформската агенда.
 
Во извештајот се потврдува и економскиот раст од 3,5 проценти во 2025 година, односно овој Европски извештај го опфаќа извештајниот период заклучно со 31 август оваа година, иако потоа и Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка ги нивелираа своите прогнози во нагорна линија за оваа година. Зошто? Затоа што ги имаме би рекол повторно ажурирано извештаите за растот во 2024 и 2025. Во 2024 тој од 3 се нивелираше на 3,8, а во 2025 од 3,5 на 3,8 проценти.
 
Невработеноста во истиот период се намали од 12,5 на 11,7 проценти.
 
Ова се резултати што Европската комисија ги евидентира во својата официјална оценка за нашата економија.
 
Европската комисија констатира добар напредок во дигиталната трансформација, науката и истражувањето, како и во надворешната и одбранбена политика исто така е констатиран добар напредок
 
До јуни оваа година, 44 државни институции го користеле новиот систем за електронско архивирање и управување со документи.
 
Националниот портал, според податоците до крајот на август, опфаќа 338 електронски услуги, вклучително и оние што се делумно достапни, а неговото користење е двојно зголемено во споредба со претходната година.
 
Ова се промени што значат поефикасни институции, поедноставни постапки и подобри услуги за граѓаните и компаниите.
 
Во образованието е усвоена новата Стратегија за периодот 2026–2032 година.
 
Продолжува развојот на стручното образование, а воспоставени се вкупно осум регионални центри за стручно образование, од кои три веќе се оперативни.
 
И овие промени се препознаени во извештајот.
 
Посебно сакам да се осврнам на правосудството.
 
Европската комисија констатира дека новиот Закон за Судскиот совет во голема мера ги адресира препораките на Венецијанската комисија.
 
Важна е споредбата со минатата година.
 
Во поглавјето 23, кое ги опфаќа правосудството и фундаменталните права, Европската комисија во 2025 година констатираше дека нема напредок.
 
Годинава констатира ограничен напредок.
 
Кај функционирањето на судството оценката се подобрува од „нема напредок“ на тоа дека има „одреден напредок“.
 
Тоа е поместување што треба да продолжи и да се потврди со резултати во пракса.
 
Почитувани,
 
Во надворешната и безбедносната политика, Европската комисија ја потврдува и нашата целосна усогласеност со заедничката политика на Европската Унија.
 
Тоа е јасна потврда за нашата стратешка определба и за нашата улога како сигурен и кредибилен европски партнер.
 
Ова се конкретни наоди од извештајот.
 
Податоци, реформи и резултати што се предмет на независна оценка од европските институции.
 
Но, извештајот содржи и забелешки и нив ги сфаќаме со цела сериозност. Тие се дел од обврските што треба да ги исполниме пред нашите граѓани, независно од динамиката на пристапните преговори.
 
Одговорноста за спроведувањето на реформите ја имаат сите надлежни институции.
 
Владата мора да продолжи со законските и институционалните реформи, да ги обезбеди потребните услови и ресурси.
 
Од судските и обвинителските органи се очекуваат конкретни резултати, професионалност и доследно спроведување на законите.
 
Истовремено, останува отворено и прашањето за уставните измени.
 
Нашата позиција и понатаму е дека европските интеграции мора да се темелат на јасни правила, предвидлив процес и меѓусебна доверба.
 
Нашата држава има обврска да ги спроведува реформите.
 
Европскиот процес има потреба од доследност и предвидливост.
 
Почитувани сограѓани,
 
Сакам денес да испратам и една поширока политичка порака.
 
За ова општество и за сите политички партии европските интеграции остануваат трајна стратешка определба.
 
И покрај сите предизвици и сите тешкотии со кои се соочувавме во изминатите децении, нашата определба за полноправно членство во Европската Унија останува непроменета.
 
Причините за тоа се многу подлабоки од кој било годишен извештај. 
 
Спорот со нашиот источен сосед и наметнатиот билатерален спорт, минатата влада прифати да влезе во општите критериуми за членство, што секако преставува хендикеп во развојот на интегративните спорови. 
 
Ние немаме недостиг на реформи туку преостанати политички услови.
 
Европската Унија е нашиот најважен економски партнер.
 
Европската Унија е простор на слободно движење, заеднички правила, економски можности и институционална стабилност.
 
Членството значи пристап до големиот европски пазар, поголеми можности за домашните компании, повеќе инвестиции, подобра инфраструктура и повисоки стандарди во сите области на општеството.
 
Тоа значи и посилни институции, поефикасно правосудство и подобра заштита на правата на секој граѓанин.
 
За младите луѓе, европската перспектива значи повеќе можности за образование, професионален развој и работа.
 
Во денешните сложени геополитички околности, европската интеграција добива дополнително значење. Безбедноста на европскиот континент, економската конкурентност, енергетската стабилност и отпорноста на надворешните влијанија сè повеќе зависат од способноста на Европа да дејствува заеднички.
 
Западниот Балкан е дел од таа европска иднина. 
 
Затоа веруваме дека процесот на проширување мора да добие нова енергија. 
 
Таа енергија мора да произлезе од реформите што ги спроведуваат земјите кандидатки, но и од јасната политичка посветеност на самата Европска Унија.
 
Ние сме подготвени да го преземеме нашиот дел од одговорноста.
 
Да ги зајакнуваме институциите.
 
Да ја подобруваме економијата.
 
Да се бориме против корупцијата.
 
Да ги усогласуваме законите и стандардите со европските.
 
Не бараме привилегии.
 
Бараме доследна примена на принципот дека напредокот треба да се вреднува според постигнатите резултати.
 
Веруваме во Европа која ги исполнува своите ветувања.
 
Која ги почитува своите принципи.
 
И која има доволно самодоверба да ја продолжи својата историска мисија на обединување.
 
На крајот, дозволете ми уште еднаш да ја потврдам нашата посветеност на реформскиот процес и на соработката со европските институции.
 
Ќе продолжиме да работиме со истата посветеност.
 
Со конкретни мерки, со мерливи резултати и со јасна европска перспектива.
 
Уште еднаш на крај сакам да му се заблагодарам на амбасадорот за неговата посветеност и поддршка која што ја дава лично и како институција во овој процес.
 
Ви благодарам.

Мени за пристапност