Почитувани претставници на медиумите,
Најновите извештаи на Светската банка и Европската комисија носат значајни информации за економските движења во Македонија, за постигнатите резултати, но и за перспективите на македонската економија за периодот кој што следува.
Ќе започнам со најновиот редовен економски извештај за Западен Балкан на Светската банка, објавен вчера, на 27 октомври, во кој е направена нагорна ревизија на прогнозата за економскиот раст на Македонија во 2026 година.
Според овој извештај, Светската банка предвидува македонската економија годинава да оствари раст од 3,2 проценти, што претставува зголемување за 0,3 процентни поени во однос на оние претходни проекции.
Особено е важно што оваа оценка доаѓа во период на сериозни глобални економски предизвици, геополитичка неизвесност, ценовни, но и енергетски притисоци, како и забавена економска активност кај дел од нашите најзначајни трговски партнери.
За Македонија, ова претставува важна оценка за досегашните економски движења, но и јасна насока за политиките кои треба да продолжат во наредниот период.
Оценките на Светската банка се надополнуваат со податоците од најновиот економски извештај на Европската комисија, објавен на 20 октомври, кој покажува дека Македонија во вториот квартал од 2026 година остварила економски раст од 4,3 проценти, што претставува највисока стапка на раст меѓу шесте економии за Западен Балкан.
За споредба, просечниот економски раст во регионот изнесува 3,6 проценти. Дополнително, македонската економија бележи забрзување на овој раст, од 3,1 процент во првиот квартал на 4,3 проценти во вториот квартал оваа година.
Овие податоци добиваат дополнително значење кога ќе се погледне структурата на растот.
Според податоците на Државниот завод за статистика, градежништвото во вториот квартал бележи реален раст од 21,9 проценти, преработувачката индустрија од 4,1 процент, а секторот информации и комуникации од 4,3 проценти.
Истовремено, бруто-инвестициите бележат номинален раст, додека финалната потрошувачка е зголемена номинално за 7 проценти.
Тоа се конкретни економски показатели кои говорат за зголемена активност во повеќе значајни сектори. Особено важен е растот на градежништвото, како сектор кој директно и индиректно влијае врз голем број други стопански дејности, домашните компании, транспортот, производството, но и инфраструктурниот развој.
Во изминатиот период претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, повеќепати укажуваше на важноста на капиталните инвестиции, инфраструктурните проекти и создавањето на услови за поголема економска активност. На овие процеси се надоврзуваат и податоците за растот на градежништвото и инвестициите.
Сепак , би сакала да нагласам нешто што за Владата е особено важно.
Свесни сме дека позитивните економски показатели сами по себе не значат дека се надминати сите економски предизвици. Не очекуваме граѓаните да го мерат својот животен стандард само според статистичките податоци. Тие го оценуваат напредокот преку сопствените приходи, можностите за работа, цените на производите и услугите. И тоа е сосема разбирливо.
Токму затоа овие резултати ги претставуваме како важна основа за понатамошен економски развој. Тие покажуваат дека македонската економија бележи раст, дека постои економска активност и дека, и покрај сложените надворешни услови, се создава основа за понатамошно подобрување на животниот стандард.
Во таа насока, Владата останува посветена на политики кои ќе обезбедат долгорочна економска стабилност, конкурентно стопанство и подобри услови за живот.
Кога Светската банка ја ревидира прогнозата за економскиот раст на Македонија, а Европската комисија потврдува дека во вториот квартал ние имаме највисока стапка на раст во Западен Балкан, тоа се важни меѓународни оценки за економските движења во Македонија. Тие претставуваат основа за оценување на резултатите од економската активност и за натамошно унапредување на економските политики.
Одговорноста на Владата е да го одржи позитивниот развоен тренд, да обезбеди стабилност на јавните финансии и да продолжи со реформи кои ќе овозможат резултатите од економскиот раст да имаат сè поголемо влијание врз животот на граѓаните.