Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Димовски: САД имаа значајна улога во развојот на државата – од јакнењето на институциите, преку процесите на демократизација и владеење на правото

Димовски: САД имаа значајна улога во развојот на државата – од јакнењето на институциите, преку процесите на демократизација и владеење на правото

Заменик претседателот на Владата задолжен за политички систем, Љупчо Димовски, присуствуваше на настанот во организација на Министерството за финансии, насловен „Зајакнување на институционалните капацитети: Одбележување на соработката меѓу САД и Северна Македонија“.

Во своето обраќање, вицепремиерот Димовски истакна дека Соединетите Американски Држави претставуваат стабилен, доверлив и стратешки партнер на нашата држава. Тој нагласи дека во изминатите децении САД имаа значајна улога во развојот на Северна Македонија – од јакнењето на институциите, преку процесите на демократизација и владеење на правото, до поддршката за економски реформи и модернизација. Дел од успесите што денес се видливи во различни сектори се резултат и на континуираната американска поддршка, поради што Владата останува целосно посветена на понатамошно продлабочување на ова партнерство, кое одамна ја надминува класичната форма на соработка и со право се смета за искрено пријателство.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, истакна дека ова партнерство не претставува само поддршка, туку долгорочен процес на јакнење на институционалните капацитети, зголемување на експертизата и воспоставување модерни системи кои обезбедуваат предвидливи, одговорни и транспарентни јавни финансии. Таа се осврна и на соработката со Министерството за финансии на САД преку нивната Канцеларија за техничка помош (ОТА).

Министерката Димитриеска-Кочоска посочи дека соработката со Трезорот на САД во областа на буџетот и трезорското работење има длабоки корени, нагласувајќи дека системот за буџетско планирање во нашата држава првично бил развиен со техничка помош од САД во периодот од 2004 до 2008 година. Овој систем, како што беше нагласено, претставува основа врз која денес се гради современото управување со јавните финансии.

Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, порача дека САД и Северна Македонија се обединети во многу аспекти, вклучително и во заедничкото уверување дека институционалната транспарентност и силните економии се темел на успешна демократија, одржлив просперитет и безбедни заедници.

Таа истакна дека специјалната програма за соработка меѓу Трезорот на САД и Владата на Северна Македонија, преку Министерството за финансии, формално започнала во 2022 година, иако партнерството датира многу порано. Денес, оваа програма претставува втора по големина програма на американското Министерство за финансии на глобално ниво, при што активностите се насочени кон пет клучни области: Управата за јавни приходи, финансирање на инфраструктурата, банкарски и финансиски услуги, буџетска одговорност и борба против економскиот криминал.

Мени за пристапност