На денешната седница со пратенички прашања, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, истакна дека Владата не е против зголемување на минималната плата, но дека таквата одлука мора да се донесе врз основа на трипартитен договор и на економските параметри утврдени со закон.
Дурмиши потсети дека минималната плата не може да се определува според политички желби или партиски прес-конференции, туку се пресметува според формулата која вклучува 50% раст на просечната плата и 50% раст на трошоците за живот, како и минимум од 57% од нето просечната плата. Тој ја обвини опозицијата за нереализирани ветувања, нагласувајќи дека „нивната практика беше европска во зборови, но балканска во реализација“.
Министерот потенцираше дека споредбите на минималната плата мора да се прават според европската методологија, односно во бруто износ, и додаде дека според Евростат, Северна Македонија се наоѓа на средно ниво во регионот – пред Албанија, Србија и Бугарија, но зад Хрватска и Словенија.
Дурмиши предупреди дека брзите и економски неоправдани зголемувања на минималната плата би ги погодиле најмногу малите компании, предизвикувајќи отпуштања и дополнителни инфлаторни притисоци.
Во однос на трошоците за живот, министерот ги отфрли тврдењата дека тие „експлодирале“, повикувајќи се на податоците на Државниот завод за статистика, според кои годишната инфлација во октомври 2025 година изнесувала 4,49%, додека на месечно ниво било забележано благо намалување од 0,2%. Тој потсети дека во 2022 и 2023 година инфлацијата била значително повисока – 14,2% и 9,4%.
Дурмиши истакна дека Владата презела конкретни мерки за заштита на стандардот на граѓаните, како регулирани цени, субвенции и поддршка за ранливите категории, вклучувајќи ја и училишната кошница која, како што рече, донела заштеда до 2.000 денари за семејствата.
Тој, исто така, ги обвини претходните влади за намалување на домашното производство на храна и зголемување на зависноста од увоз, појаснувајќи дека дел од инфлацијата е резултат на промените на цените на светските берзи и на геополитичките кризи.
„Ако мислите дека Министерството ништо не работи, тогаш зборувате за годините кога навистина ништо не се работеше“, изјави министерот, нагласувајќи дека актуелните политики се базирани на стратегија, бројки и долгорочни цели.