Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска престојува во работна посета на Брисел, каде што ќе учествува на редовниот годишен Економски и финансиски дијалог помеѓу ЕУ и регионалните партнери, земјите од Западен Балкан, Молдавија, Турција и Украина.
Во рамки на 12-oт Економски и финансиски дијалог ќе се дискутира за економскиот развој, предизвиците и плановите, а ќе се усвојат и препораки за таргетирани политики за секоја земја, коишто треба да се спроведат во наредниот период.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на Економскиот и финансиски дијалог во Брисел ќе се осврне на реформите што ги презема земјата, особено во однос на подобрување на квалитетот на јавните финансии со цел поддршка на економскиот раст, а во услови на пошироката геополитичка клима и висока непредвидливост.
Економскиот и финансиски дијалог претставува годишен дијалог за економска политика. На Економскиот и финансиски дијалог во Брисел учествуваат претставници на земјите членки на ЕУ, претставници на Европската комисија, Европската централна банка, како и министрите за финансии и гувернерите на централните банки од земјите на Западен Балкан, Турција, Молдавија и Украина.