Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на забелешката од страна на опозицијата за недоволниот раст на бруто домашниот производ, изјави:
„Па видете, јас понекогаш и не сакам да коментирам тоа што го споменува опозицијата, бидејќи тоа што го кажува е целосна невистина и неаргументирана изјава, се разбира. Во случајов можам само да кажам дека имајќи предвид каква беше состојбата во државата пред 25-6 месеци, она коешто го наследивме со уништени институции, ограбена економија, клекната на колена држава, разочарани и демотивирани граѓани, можам да кажам дека колку и да сакаат тие тоа што денеска оваа Влада го работи, ќе мора сите да се сложиме дека денеска многу подобро се живее од тоа што беше пред три години. А јас ви ветувам дека за три години од денеска, ќе се живее многу подобро од денес. И тоа е наша цел како Влада. Ќе повторам, мотивирани сме како никогаш досега, да испорачуваме нешто што се гледа, што можат граѓаните да го видат. Што допринесува за подобриот стандард и живот на граѓаните. И инспирацијата целосно ја црпиме од поддршката којашто ја добиваме од граѓаните и јас сум за тоа исклучително благодарен. Дека е сѐ идеално, не е. Дека има грешки, има. Кој работи, знае понекогаш и да погреши, но дека многу подобро од пред три години, морате сите да се сложиме дека е.“